ИПА Охрид организира вело тура Охрид-Пештани
Интернационалната полициска асоцијација (ИПА)-регион Охрид, во сабота (05.06.2021 година), организира спора рекреативна велосипедска тура Охрид-Пештани-Охрид. Стартот е закажан во 09 часот од градското пристаниште во Охрид, а ќе се вози по крајбрежјето на Охридското Езеро, по патот Охрид-Св.Наум, до туристичката населба Пештани која, гордо стои во подножјето на планината Галичица, на надморска височина од 700 метри, на 15-тина километри од убавецот Охрид. Тука, предвиден е едночасовен одмор и освежување на терасата на наш ИПА пријател-со атрактивен и неповторлив поглед кон Охридското езеро.
ИПА регион Охрид, ги поканува своите членови од Охрид и Струга, членовите на велосипедските клубови од Охрид и Струга, новинарите но и сите заинтересирани граѓани од двата крајезерски града-љубители на велосипедизмот, да се вклучат во велосипедска прошетка и уживање од Охрид до Пештани и сите заедно, да направиме уште едно прекрасно вело дружење како неодамнешното од Охрид до Радожда а со тоа, да најавиме добра велосипедска сезона и промоција на оваа вело тура како живописно и несекојдневно туристичко доживување. Воедно, да ја реафирмираме идејата на ОСБСП Охрид од 2016 година година за велосипедско поврзување Охрид-Струга и Охрид-Св.Стефан со современа, безбедна и функционална велосипедска патека. Повеќе информации и пријавување на вибер на моб.тел. 077/596-999 кај Александар. Средба со велосипедистите од Струга, на градското пристаниште во Охрид во 09 часот.