22/11/2024
Струга

ИПА Охрид реализираше хуманитарна акција наменета за социјално загрозени семејства од Струга

Денеска, Интернационалната полициска асоцијација, регион Охрид, реализираше хуманитарна акција наменета за социјално загрозени семејства од Струга.

Хуманитарната акција како дел од програмските цели и определби на Интернационалната полициска асоцијација, беше иницијатива од Секцијата на жени при ИПА Охрид, а реализирана во соработка со Весна Миленкоска од хуманата иницијатива „Зготви и подари“ од Охрид, со Црвен Крст и центарот Солферино – Струга. Тие заедно, за повеќе социјално загрозени семејства кои се соочуваат со недостаток на храна, со многу љубов приготвија топли оброци а потоа, во просториите на Црвениот крст а на дел од нив и по нивните домови, со голема почит им ги предадоа на членовите на семејствата.

Целта на заедничката акција е, поттикнување на солидарноста како и подигнување на јавната и општествената свест за донирање на храна на оние семејства на кои им е најпотребна а кои, немаат доволно средства да обезбедат редовни дневни оброци. Храната е основно човеково право и затоа, сите заедно треба да создаваме можности за редовно донирање на храна за одредени наши сограѓани и барем малку да придонесеме да имаат подобар живот.

Благодарност до сите кои беа дел од оваа хуманитарна активност, а најповеќе до волонтерите на Црвен крст Струга.


WebOhrid / 22.12.2023 / ИПА Охрид