Истражување кое би помогнало при регулирање на вештачката интелигенција
Потребата од регулирање на вештачката интелигенција станува сè поевидентна, а новото истражување на Фондација Метаморфозис се обидува да покаже каков ефект може да имаат новите технологии и вештачката интелигенција врз човековите права на интернет.
На 13 март оваа година Европскиот парламент со огромно мнозинство го донесе првиот закон за вештачка интелигенција (AI Act), додека кај нас по иницијатива на Фонд за иновации и технолошки развој е создадена работна група за креирање на Национална стратегија за вештачка интелигенција што постои од 2021, но сè уште нема започнато со конкретни чекори кои би донеле до развој на истата.
Брзиот развој на вештачката интелигенција предизвикува измешани чувства на почит, восхитување, и исконски страв кој некогаш е ирационален, но недостатокот на контрола и законска рамка може до некаде и да го оправда.
Користењето на вештачка интелигенција незабележително ни станува секојдневие, особено на работните места, но и пошироко, преку користење на апликации на социјалните медиуми и при користењето на нашите мобилни уреди за уредување на слики, креирање идеи или решавање на проблеми.
Иако реакциите на обичните граѓани кон развојот на вештачката интелигенција знаат да бидат екстремни заземајќи размери на изразена технофобија која преминува во развивање на заговорнички теории, развојот на вештачката интелигенција и автоматизацијата постојат за подобрување на животот на луѓето, но кога се неконтролирани можат да наштетат на човековите права на интернет.
И покрај големиот потенцијал на вештачката интелигенција да подобри многу аспекти на човечкото искуство, поради опасност од нејзиното неетичко дизајнирање и употреба, исклучително важно е да се воспостават регулативи и правила за нејзината употреба, кои внимаваат на сите предизвици и гарантираат рамноправна заштита за сите.
Токму затоа Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис направи истражување чија цел е да се процени влијанието на развојот и користењето на вештачката интелигенција, врз човековите права на интернет. Деталите може да ги прочитате на овој линк: Истражување за ефектот на новите технологии, со особен фокус на вештачката интелигенција, врз човековите права на интернет, и развивање етички стандарди за заштита на човековите права на интернет при автоматско донесување одлуки.
Наодите од ова истражување треба да придонесат кон заштитата на човековите права на интернет во политиките поврзани со вештачка интелигенција. Односно, треба да послужат како компас при креирањето на регулатива која ќе ги заштити човековите права на интернет во пресрет на развојот на вештачката интелигенција.
Како краен резултат на истражувањето се издвојуваат пет етички стандарди за заштита на човековите права на интернет, при креирањето политики што го уредуваат автоматското донесување одлуки. Меѓу главните етички стандарди кои треба да претставуваат применливи, достојни и неприкосновени правила за зачувување на човечкото достоинство поради нивната сигурност, доверливост и одговорност кон луѓето се вбројуваат: објаснивост и проверливост, достоинство, забрана за предизвикување штета, правичност, етичка и општествено одговорна употреба на податоците.
Ова истражување треба да послужи како водилка при регулирање на вештачка интелигенција што сè уште не е случај во нашата земја.
WebOhrid / 16.05.2024 / Фондација Метаморфозис