02/01/2025
Охрид

Истражување на јавното мислење за проблемите со отпадот во охридскиот регион

Групацијата Збогум Буково во изминатиов месец спроведе обемно истражување на јавното мислење на охриѓани во однос на рак раната за нашиот регион – отпадот и депониите. Резултатите од истражувањето укажуваат дека охриѓани се многу загрижени за ефектите од дивите депонии, вклучително Буково и Мауцкер.

На прашањето „Колку сте загрижени за долгорочните ефекти на дивите депонии врз животната средина и јавното здравје?“ – 95 проценти од граѓаните одговориле дека се многу загрижени.

На прашањето „Кои се главните бариери за ефективно селектирање отпад во вашата област?“ 50 проценти од граѓаните сметаат дека е резултат на недостаток на јавна едукација, додека останатата половина сметаат дека е резултат на недостаток на соодветна инфраструктура (канти, центри за селектирање).

На прашањето „Кои типови на поддршка би ве поттикнале да учествувате повеќе во сортирање отпад или рециклирање?“, охриѓани ги издвојуваат следните: финансиски поддршка (на пример, поврат на средства), повеќе инфраструктура (канти, центри за кабаст отпад), образовни кампањи и подигање на свеста и зајакнување на казнената политика.

Надежен е фактот дека 97 проценти од граѓаните изјавиле дека се многу подготвени на прашањето „Колку сте подготвени да ги промените вашите секојдневни навики (на пр. селектирање отпад, намалување на отпадот) за да помогнете во намалување на отпадот којшто завршува во депониите?“

Речиси едногласно охриѓани одговориле позитивно на прашањето „Дали сметате дека треба да има построги закони или регулации за управување со отпад и рециклирање во вашата област?“

Во таа насока групацијата Збогум Буково продолжува да работи во интерес на граѓаните и да врши притисок врз надлежните органи за побрзо решавање на проблемот со отпадот кој со години го загрозува нашиот регион.


25.12.2024 / Групација од еколошки организации „Збогум Буково“