Претседателот Иванов: Четвртата индустриска револуција во фокусот на 10. Школа за млади лидери
Предизвиците што ги носи четвртата индустриска револуција и како да се биде успешен во оваа драстична промена во човековата цивилизација се во фокусот на Школата за млади лидери, што од вчера до 22 февруари се одржува во Струга, под покровителство на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.
„Промените и предизвиците се насекаде околу нас. Сето тоа што беше основа на третата дигитална револуција, денес е инфраструктура за новата револуција. Сите процеси кои беа аналогни и дигитални, сите оние начини на производство, на трговија, на купување, на администрирање и водење се соочуваат со големи предизвици. Секаде околу нас ги гледаме последиците од таа голема трансформација и дигитализација на општеството и на човековата цивилизација. Секојдневно преку вашите паметни телефони вие сте корисници на многу услуги кои ги креираат машините со вештачка интелигенција. Многу пребарувачи учат од вас и од вашите побарувања, за да го информираат алгоритамот кој ви излегува во пресрет на следното барање или следното истражување. Многу процеси се водени од роботи и се автоматизирани”, рече претседателот Иванов на свеченото отворање на Школата за млади лидери.
Според македонскиот претседател сиве овие промени се драстични за толку краток период и затоа е неопходна промена на целиот систем на едукација. Промена во сферата на образованието, промена во сферата на производството, на тргувањето, на услугите.
„Секој доколку има желба, може да биде дел од тие глобални платформи. Не да биде само пасивен набљудувач, туку и активен учесник, да дава свој придонес. Сега на интернет сите можат да комуницираат, да разменуваат искуства и знаење. За сите тие предизвици ќе ви помогнат предавачите на оваа Школа, ќе ви овозможат да навлезете во тајните на дигиталната трансформација на општеството, на економијата, дигиталната трансформација на биолигијата, на физиката, да ја сфатите моќта што ја носи блокчејн технологијата”, истакна претседателот Иванов и додаде дека учесниците ќе бидат запознаени за сите нови работи кои ги носи оваа промена и како тие да успеат во тој нов свет.
Целта на Школата за млади лидери е да се создадат луѓе кои соработуваат, да се научат младите како да користат податоци, информации и како да пристапат до базите на податоци, порача претседателот Иванов.
„Во духот на оптимизмот, на креативноста и иновативноста ви посакувам успешно совладување на оваа обука, да стекнете многу нови знаења, многу вештини, многу пријателства и да сфатите дека секаде во светот системот на образование е критикуван и е во криза. Не е целта да создадете луѓе кои ќе се натпреваруваат, туку целта е да создадете луѓе кои соработуваат. Не е целта да ги научите луѓето како да меморираат, туку како да користат податоци, информации и како да пристапат до базите на податоци. Многу поголема вредност има социјалниот капитал создаден преку вмрежување, преку блискост, размена на искуства и сознанија”, рече претседателот Иванов пред учесниците на годинашната Школа за млади лидери.
На годинешната Школа за млади лидери, што е лична иницијатива на претседателот Иванов, ќе учествуваат дваесетина реномирани предавачи од врвни образовни и професионални институции од Република Македонија, Европа и светот, кои ќе ги пренесат своите знаења, искуства и видувања за лидерството на вкупно 40 учесници на Школата.
На свеченото отворање, покрај претседателот Иванов, се обрати и д-р Талал Абу-Газалех, претседател на Tag-org, глобална организација за професионални услуги и едукација, кој на претседателот Иванов му додели признание за неговиот придонес за новата генерација и за неговите постигнувања во Македонија и светот. На првиот ден од Школата за млади лидери предавање одржа г. Сани Шенер, извршен директор на ТАВ аеродроми, а се одржа и панел дискусија за предизвиците на 4-та индустриска револуција, тема што е во фокусот на десеттата Школа за млади лидери.
Меѓу предавачите годинава се г-ѓа Пинар Ајваз Арикан, Генерален Директор на Turkish Airlines во Скопје, г. Штефан Петер, Претседател на извршниот одбор на ЕВН Македонија, г-ѓа Фанија Самак од компанијата Микросам од Прилеп, г-ѓа Нина Ангеловска, коосновач на Grouper.mk, г-ѓа Љупка Арсова, Инженер за животна средина во Источната Истражувачка група, со седиште во САД, д-р Разије Невзат, Координатор на Одделот за социјални медиуми и дигитален маркетинг на Источен Медитеран Универзитет, г. Хозе Антонио Моралес, директор на Lincoln Island Initiatives, со седиште во Словенија, д-р Рашела Мизрахи од Бар Илан Универзитет, Израел, г. Методија Колоски, Претседател на Обединетата Македонска Дијаспора, г. Тонис Нирк, дипломатски претставник за дигитална економија од Естонија. Предавања на школата ќе одржат и други истакнати поединци, лидери на успешни компании, и претставници на етаблирани институции од Македонија, Европа и светот.
Во рамки на одржувањето на 10. Школа за млади лидери, учесниците ќе го посетат новиот аеродром во Истанбул, отворен во октомври 2018 година, каде ќе бидат запознаени со неговото менаџирање како еден од најголемите аеродроми во светот, а ќе го посетат и седиштето на авиокомпанијата Turkish Airlines.
Школата за млади лидери беше прогласена за најдобар социјално одговорен проект во Европа за 2017 година од страна на Светскиот форум на бизнис ангели, а по тој повод оваа организација во 2018 година на претседателот Иванов му ја врачи наградата за Најдобар светски лидер кој инвестира во новата генерација.