26/11/2024
Македонија

Иванов домаќин на состанокот на лидерите од Процесот Брдо-Бриони

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денес во Скопје ќе биде домаќин на состанокот на лидерите на земјите учеснички од Процесот Брдо-Бриони.

Главната цел на Процесот Брдо-Бриони е целосна интеграција на земјите од регионот во Европската Унија, стабилизирање на состојбите во Западен Балкан преку јакнење на регионалната соработка и решавање на отворените прашања.

Земји учеснички во Процесот Брдо-Бриони се Република Албанија, Босна и Херцеговина, Република Косово, Република Македонија, Република Словенија, Република Србија, Република Хрватска и Црна Гора, претставени на ниво на претседатели на држави.

На состанокот на лидерите на земјите учеснички на Процесот Брдо-Бриони, ќе учествуваат претседателот на Република Албанија, г. Илир Мета, претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина, г. Бакир Изетбеговиќ, претседателот на Република Косово, г. Хашим Тачи, претседателот на Република Словенија, г. Борут Пахор, претседателот на Република Србија, г. Александар Вучиќ, претседателот на Република Хрватска, г-а Колинда Грабар-Китаровиќ и претседателот на Црна Гора, г. Филип Вујановиќ.

Согласно досегашната практика, покрај лидерите на земјите учеснички, на состаноците на Процесот Брдо-Бриони учествуваат високи гости од Европската унија, како и лидери на земји-членки на ЕУ. Почесни гости на состанокот во Скопје се претседателот на Европскиот совет, г. Доналд Туск и претседателот на Владата на Република Бугарија, г. Бојко Борисов.

Во фокусот на годинешниот состанок на лидерите на земјите учеснички од Процесот Брдо-Бриони во Скопје е потребата за подобрување на меѓусебната поврзаност во политичка, економска, инфраструктурна и безбедносна смисла, а во контекст на новата стратегија на Европската Унија за Западен Балкан.

Во рамки на Процесот Брдо-Бриони, за прв пат на иницијатива на Република Македонија, минатата недела се одржа состанок на директорите на Агенциите за разузнавање на земјите учеснички во Процесот, на кој се дискутираше за безбедносната поврзаност, како сегмент на регионалната соработка.

Процесот Брдо-Бриони прв пат се одржа во 2013 година на заедничка иницијатива на претседателите на Република Словенија и Република Хрватска, во Брдо кај Крањ.

Лидерите на земјите од Процесот Брдо-Бриони се состануваат најмалку еднаш годишно.

Во рамките на оваа регионална иницијатива досега се одржани шест состаноци, од кои пет редовни и еден вонреден: во Брдо кај Крањ, Република Словенија во 2013 година, во Дубровник, Република Хрватска во 2014 година, во Будва, Црна Гора во 2015 година, вонреден самит во Загреб, Република Хрватска во 2015 година, во Сараево, Босна и Херцеговина во 2016 година и во Брдо кај Крањ, Република Словенија во 2017 година, а на кои редовно учествува Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов.

На состанокот на лидерите на земјите учеснички од Процесот Брдо-Бриони, кој ќе се одржи во хотелот „Александар Палас” во Скопје, се акредитирани 156 претставници на медиумите, 116 од Република Македонија и 40 од странство.