Иванов: Македонија поддржува меѓународни иницијативи за подобрување на инфраструктурата и поврзаноста
Целта на Република Македонија е членство во НАТО и во Европската Унија, ние сме вклучени во европскиот економски простор, но нам ни е неопходна и европска инфраструктура. За таа цел Македонија одлучи со поволни кинески кредити да гради важен дел од европскиот коридор 8, порача претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во своето обраќање на 6. Глобален Баку форум во Азербејџан, говорејќи на тема: Како да се разбере надворешната политика на Кина?”
Во тој контекст, македонскиот претседател истакна дека инфраструктурните проекти во рамките на „Еден пат, еден појас” ќе им овозможат на државите од Централна, Источна и Југоисточна Европа да бидат меѓусебно цврсто поврзани, со што ќе се зголеми компетитивноста на економиите од регионот за странски инвестиции.
Претседателот Иванов додаде дека Македонија смета дека оваа иницијативата на Кина придонесува кон мирот, просперитетот, отвореноста, иновацијата и поврзувањето меѓу цивилизациите.
„Одлучивме со поволни кинески кредити од иницијативата „16+1″ да градиме еден дел од европскиот Коридор 8, кој го поврзува Јадранското море со Црното море. Ние сме дел од иницијативата и за брзата пруга од Будимпешта до Белград која треба низ Република Македонија да продолжи до пристаништето Пиреја. Исто така се залагаме и за обновување на проектот за поврзување на реките Вардар-Морава-Дунав со Егејското море“, рече македонскиот претседател во своето обраќање.
Иницијативата „Еден пат, еден појас” предвидува изградба на повеќе економски коридори што ќе покријат две третини од светската популација и една третина од БДП во светот.
„Иницијативата има за цел да развие нови пазари за кинеските производи, да го зголеми економскиот раст, да создаде работни места и да им овозможи на помалку развиените кинески региони да профитираат од инфраструктурниот развој и од зголемената трговија. Всушност, и целта и на стариот и на новиот пат на свилата е водење трговија, а не проектирање влијание“, порача македонскиот претседател.
Покрај за иницијативата „Еден појас, еден пат”, преку која Кина се обидува да ги надмине економските предизвици, претседателот Иванов во говорот се осврна и на капиталните инвестиции на Кина во развојот на вештачката интелигенција.
На глобалниот форум во Баку учествуваат повеќе актуелни и поранешни претседатели, премиери и министри, како и голем број истакнати личности од општествениот и политичкиот живот, универзитетски професори и претставници на Програмата за млади лидери.
Претседателот Иванов претходно оствари билатерални средби со претседателот на Азербејџан, Илхам Алијев, со претседателот на Молдавија, Игор Додон и со турскиот премиер, Бинали Јилдирим.