Иванов-Радев:Македонија и Бугарија треба да ја унапредуваат севкупната соработка
Претседателите на Република Македонија и Република Бугарија, д-р Ѓорге Иванов и Румен Радев денеска имаа средба со бизнисмените и претседателите на стопанските комори на двете држави.
На средбата двајцата претседатели истакнаа дека Македонија и Бугарија треба да имаат поуспешна бизнис соработка, подобра инфраструктура, повеќе проекти, поголема размена на стоки и на луѓе и многу подобра комуникација на сите нивоа.
Претседателот Иванов истакна дека освен подобрување на инфраструктурата меѓу двете држави, која во некои делови е очајна, мора корупцијата да се сведе на нула и да се инвестира во вода, храна и енергија.
„Ние мора да бидеме подготвени на новите трендови. Бугарија е многу напредната во ИКТ секторот и може да се искористи тоа искуство зашто ние имаме млади компании кои се занимават со дигитална анимација, дигитални услуги кои се повеќе заземаат дел од бизнис заедницата”, рече претседателот Иванов. Според македонскиот претседател неопходни се меритократија, прагматизам и чесност.
Претседателот Радев истакна дека постои политичка доверба на највисоко ниво дека и таа е услов за сите понатамошни успеси. Бугарскиот претседател потенцираше дека е многу важно што побрзо Македонија да стане членка на НАТО, а странските инвестици мора да доаѓаат во секоја средина, со помала или поголема безбедност.
„Веќе има шанса во рамките на нашето претседателство со ЕУ Република Македонија да добие покана за членство. За да ги убедиме нашите партнери да ја дадат таа покана ние треба да покажеме дека Бугарија и Македонија можат да работат заедно”, рече претседателот Радев.
Според бугарскиот претседател, исклучително важни се и размената во образованието, науката, културата и туризмот. Во тој контекст претседателот Радев истакна дека Бугарија има голем проток на странски инвестиции и големи искуства во искористување на европските фондови, а Македонија може да ги искористи позитивните формули за разработување на конкретни проекти.
Претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески истакна дека има потреба од сериозна акција со динамика и рокови за конечно да завршиме некакви работи кои се од интерес на бизнисот меѓу двете држави. Соработката долги години се движеше околу 300 милиони, а денеска напреднува и се движи на 664 милиони долари, што е значителен напредок од минатата година од 19,3 отсто.
На состанокот Македонско-бугарската стопанска комора и Бугарската трговско-индустриска комора потпишаа договор за соработка.