22/11/2024
Македонија

Иванов со честитка до Доналд Туск, Претседател на Европскиот совет, по повод Денот на Европа

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод 9 Mај, Денот на Европа, упати честитка до г. Доналд Туск, Претседател на Европскиот совет.

Ваша Екселенцијо,

Дозволете ми, во името на граѓаните на Република Македонија и во свое лично име, да Ви упатам најсрдечни честитки по повод 9 Мај – Денот на Европа.

Пред сè, би сакал да Ви се заблагодарам за Вашето учество на Состанокот на лидерите на земјите од Процесот Брдо-Бриони во Скопје. Со тоа пративте позитивна и охрабрувачка порака за европската иднина на секоја земја од регионот.

„Европа не е само континент, таа, исто така, е идеја. Оваа идеја се нарекува слобода”, рече големиот Eвропеец Куденхов Калерги. Со приближувањето кон европското семејство, ние го движиме македонското општество кон слободниот проток на луѓе, капитал, стоки, услуги и идеи. Приближувањето кон Унијата нè мотивира доброволно да се трансформираме и реформираме за доброто на македонските граѓани. Република Македонија е подготвена, веднаш и неодложно да ја започне следната фаза од интеграцијата во Европската Унија, што впрочем беше потврдено и со последниот извештај на Европската комисија за напредокот на Република Македонија и безусловната препорака за давање датум за почеток на преговорите за членство. Членството за нас е и право, но и обврска, исто како што кредибилната европска перспектива на Западниот Балкан е обврска за Европската Унија. Како држава остануваме доследни во исполнувањето на преземената обврска за спроведување на одлуката на Европската Унија да го држиме затворен Балканскиот мигрантски коридор.

Ве повикувам да ја искористите веќе потврдената позитивна практика на паралелни процеси на евроинтеграција и на надминување на отворените билатерални прашања и во случајот со Република Македонија. Со добра волја и желба за стабилен и напреден регион, можни се заемно прифатливи и одржливи решенија во согласност со меѓународното право и почитувањето на правото на самоидентификација и човечко достоинство.

Со такво очекување и со желби за добро здравје, натамошна успешна работа и лична среќа, Ви ги упатувам господине Претседателе и драг пријателе, изразите на моето највисоко почитување.