23/11/2024
Македонија

Изјава на претседателот Иванов по состанокот на лидерите на земјите од Процесот Брдо-Бриони

Почитуван претседател на Европскиот совет, господине Туск,
Почитуван премиер на Република Бугарија, господине Борисов,
Почитуван претседател на Република Хрватска, госпоѓа Грабар Китаровиќ,
Почитуван претседател на Република Словенија, господине Пахор,
Драги колеги,
Почитувани претставници на медиумите,

Ова е значаен ден за Република Македонија и за нашиот регион. Денес сме домаќини на еден од ретките регионални механизми за соработка што дава конкретни резултати.

Процесот Брдо-Бриони ни даде можност нам, претседателите, да ги дефинираме генералните стратегиски насоки што потоа премиерите и владите ги конкретизираат и операционализираат преку Берлинскиот процес, што наскоро ќе се заокружи во Лондон. Со новите процеси и иницијативи ниту се намалува ниту, пак, се исцрпува значењето на Процесот Брдо-Бриони, кој ја задржува незаменливата улога да нуди стратегиски решенија.

Затоа, многу им благодарам на претседателите Пахор и Грабар-Китаровиќ што како лидери на Брдо-Бриони неуморно ги застапуваат интересите на нашиот регион. Претстојниот самит меѓу ЕУ и Западниот Балкан во Софија е резултат на нашите барања, на нивните заложби, но и на подготвеноста на премиерот Борисов да го стави регионот на врвот на агендата на бугарското претседавање со Унијата. Ви благодарам, господине премиер.

Денешниот состанок беше во духот на поврзаноста. Поврзаноста е приоритет над сите приоритети. Од поврзаноста зависи дали нашиот регион ќе се вброи меѓу развиените европски региони. Има барем три нешта кои нè поврзуваат.

Првото нешто е економската поврзаност. Очекуваме Европската Унија да продолжи со поддршката на проектите за транспортна и енергетска поврзаност за земјите учеснички во Процесот.

Второто нешто е безбедносната поврзаност. Пред точно една недела го отворив првиот состанок на директорите на агенциите за разузнавање од земјите учеснички во Брдо-Бриони. На состанокот директорите предупредија на три нешта. Прво, дека мигрантската криза не е завршена и сè уште претставува регионална закана. Второ, постојните билатерални несогласувања потенцијално би можеле да го дестабилизираат регионот. И, трето, дека поврзувањето има и своја темна страна. Илегалната миграција, криминалните мрежи, корупцијата, странските борци повратници и тероризмот се тесно поврзани. За да се справат со оваа растечка закана и разузнавачките служби треба уште поцврсто да се поврзат. Наша улога, како лидери, е да им овозможиме на службите да соработуваат.

Со нас е претседателот на Европскиот совет, господинот Доналд Туск, кој има огромна заслуга за успешното менаџирање со мигрантската криза. Претседателе Туск, Вие правилно разбравте дека колку што е цврст Балканот, толку е цврста и Европската Унија.

И тука доаѓаме до најважното нешто што нè поврзува, а тоа е желбата за членство во Европската Унија. Очекуваме Европската Унија да не ни дава празни ветувања бидејќи членството во Унијата за нас не е празен идеал. Како регион имаме задача да обезбедиме добро владеење преку владеењето на правото, почитување на фундаменталните човекови права и слободи.

Пред неколку месеци во Брисел беше донесена Стратегијата на ЕУ за Западен Балкан како отворен прозорец за нашиот регион. Ги поздравуваме објективните критериуми за проширување на Европската Унија со Западен Балкан со вреднување на заслугите на секоја земја поединечно.

Сепак, не можам, а да не го забележам следново. Стратегијата експлицитно истакнува дека нови отворени прашања нема да бидат увезувани во Унијата. Сакам да потсетам дека граничните прашања и идентитетските прашања имаат различна природа, а со тоа и различни последици. А прашањата со различни последици не можат да се третираат на идентичен начин. Република Македонија нема отворени територијални и гранични прашања, и затоа со право очекува поголема флексибилност од Унијата.

Врвните стратегиски цели на Република Македонија се членството во НАТО и во Европската Унија. Но, долго време, политиката на проширувањето потфрлуваше во случајот со Република Македонија не поради принципите и критериумите на Европската Унија, туку поради непочитувањето на тие принципи и критериуми од страна на една земја членка.

Како Претседател на Република Македонија ја повикувам Унијата да овозможи паралелно движење на преговорите за членство и надминување на билатералната разлика меѓу Македонија и Грција. По самата своја природа, проширувањето е политичко, а не само техничко прашање. Конечниот збор го има Европскиот совет, а не Европската комисија. А политичкото прашање не може да се реши само со технички пристап и бара храброст, одлучност и креативност од Унијата. Нема подобар пример за тоа од Словенија и Хрватска кои со помош на Европската Унија, успеаја да најдат начин за паралелни преговори. Благодарение на таквиот европски пристап, денес Словенија и Хрватска се лидери на Процесот Брдо-Бриони.

Ќе завршам со следново. Ако ЕУ не ни ја обезбеди иднината, тогаш ние ќе се занимаваме со минатото. А додека ние сè уште се бавиме со прашања од 19 и 20 век, и додека зборуваме дека треба да се приспособиме на предизвиците од 21 век, дали сме свесни дека децата кои сега се раѓаат ќе живеат во 22 век?

Мора да соработуваме бидејќи сите имаме билети за истиот европски брод. На тој европски брод има кабини резервирани за секоја од нашите држави. И секоја од нашите држави има свое место и своја улога. Извештаите на Европската комисија за напредокот се мапата, а препораките се компасот што ни кажува дали сме на вистинскиот курс.

Затоа, стратегијата на отворен прозорец треба да се замени со стратегија на отворен поглед за фер и рамноправен просперитет на сите кандидати за членство во Унијата.