25/11/2024
Македонија

Изложба на Јован Балов вечер во Музејот на Град Скопје

Во Отвореното графичко студио при Музејот на Град Скопје вечер (16 февруари) со почеток во 20 часот ќе биде отворена самостојната изложба на македонскиот ликовен уметник Јован Балов. На изложбата, која е насловена „Невидени“, ќе бидат изложени триесет колажи работени во периодот од 1989 до 1995 година.

„Колажите се своевиден дневник, интимен запис за едно време во кое страсно ги впивал импресиите од актуелната берлинска уметничка и културна сцена. Во нив се имплементирани размислувањата и истражувањата на ликовно-естетски план. Колажите се опираат на некаква ригорозна стилска категоризација. Станува збор за специфичен конгломарат од стилови, техники и медиуми процедени низ филтерот на една јасно изградена авторска поетика“, нагласуваат од Музејот на Град Скопје во најавата за изложбата.

balov_fotka_1

Јован Балов, кој живее и твори во Берлин, Германија, во изминатите години реализирал многубројни проекти преку кои успешно ја презентирал македонската современа уметност и култура. Реализирал изложби во Германија, Русија, Словенија, Франција, Грција, Австрија, Полска, Финска, Израел, Англија, Србија, Италија и во многу други земји. Од 2004 година до денес во галеријата „Прима центар“ во Берлин по заслуга на Балов се реализирани голем број ликовни претставувања на македонски и на странски автори.