Изложба: 80-години од избувнувањето на Втората светска војна
Амбасадата на Република Полска во Скопје, Почесниот конзулат на Република Полска во Охрид и НУ Центар за култура „Григор Прличев“ – Охрид Ве покануваат на официјалното отворање на изложбата БОРБА И СТРАДАЊЕ. ПОЛСКИТЕ ГРАЃАНИ ЗА ВРЕМЕ НА ВТОРАТА СВЕТСКА ВОЈНА (понеделник, 2 септември 2019 НУ Центар за култура „Григор Прличев“ – Охрид, Бул. Македонски просветители 4, отворање 19:00 часот, 19:30 коктел).
Изложбата е подготвена од полското Министерство за надворешни работи и Музејот на втората светска војна од Гдањск за одбележување на 80-годишнината од избувнувањето на војната која започна со нападот на нацистичка Германија на Полска. Овој најголем вооружен конфликт во историјата донесе огромни човечки и материјални загуби, а исто така имаше големо влијание врз политичките и територијалните промени во Европа по 1945 година.
Нашата изложба ја раскажува историјата на полската борба против тоталитарниот режим, копнежот по слобода и хероизмот да се спасат други, храброста на војниците и обичните луѓе, заедничка борба против непријателот и борбата за слобода на другите земји – сето ова го заслужува нашето сеќавање.