23/11/2024
Охрид

Изложба на архитектонски проекти за Античкиот театар

Денеска во ЦК „Григор Прличев“ во Охрид  беше отворена изложбата  на студентски архитектонски проекти на тема „Ревитализација на Античкиот театар во Охрид“.

Изложбата ја отвори деканот на архитектонскиот факултет од Скопје, проф. д-р Огнен Марина кој истакна дека на излагањето и претходел процес на добро истражување и едуцирање на  извонредниот  Античкиот театар.

Имено во рамки на предметот, Ревитализација на градителското наследство под раководство на доц. д-р Ана Иваноска, проф. д-р Елизабета Касапова и соучество на проф.д-р Јован Иваноски во генерацијата 2015/16  година, 104 студенти имаат изработено 43 проекти  на локацијата на Античкиот театар во Охрид. Се разбира фокусот на тој проект не е само самиот Антички театар кој е извонредно интересен како објект туку неговата непосредна околина односно контакт зоната која што ја има – истакна Марина.

Од вкупно 43 се изложени најдобрите шест проекти.

Нашата идеја беше да поставиме задача која што преку проект ќе ги истражи можностите да се додаде содржина, да се додаде програма, да се решат одредени прашања и проблеми кои се врзани за тоа место и  секако да се почитува културното значење на местото и да се додаде ново место – посочи доц. д-р Ана Иваноска.

Организатор на изложбата е архитектонскиот факултет  при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје со поддршка на општина Охрид и ЦК „Григор Прличев“.