Изложба на ликовните уметници и педагози Лазоски и Манчев во Кинотеката на Македонија
Во Кинотеката на Македонија од петокот е поставена изложба на дела од Владимир Лазоски и Харалампие Манчев, организирана од Здружението на ликовни педагози на Град Скопје и Детскиот ликовен центар, кој е во состав на Кинотеката…
На изложбата која ќе биде поставена до 25 јануари во галеријата на Кинотеката, Лазоски учествува со дваесетина слики изработени во акрил од циклусот „Сонување“, а Манчев на изложбата „Форми во боја“ се претставува со 12 скулптури во обоено дрво.
„Ќе употребам филмска конотација за овие двајца уметници. За мене тие се како Бетмен и Робин. Се поддржуваат, работат и некогаш знаат и да се скараат, но ликовните дела и организирањето проекти секогаш ги прават на највисоко професионално ниво“, истакна на отворањето на изложбата в.д. директорот на Кинотеката на Македонија, Владимир Ангелов.