Изложба на Мице Јанкуловски „Форми во црно“ на 2 август во Куќата на Робевци
На 2 август 2019 (четврток) во 20:00 ч. во музеј „Куќата на Робевци” во Охрид ќе се отвори изложбата ”Форми во црно” на Мице Јанкуловски.
Куратор: Корнелија Конеска
Изложбата ќе ја отвори д-р Мелани Зеферино, Италија, автор на текстот „Формите во царството на естетската меморија” за творештвото од „Форма 3” на Мице Јанкуловски.
Мице Јанкуловски е исклучителен мултимедијален уметник кој истражувал различни дисциплини во уметност од неговата најрана возраст – од цртеж до слика, користејќи различни материјали и техники, вклучувајќи сатирично сликарство на стакло, од палиндром до карикатури и анимирани филмови. Неговото творештво кое опфаќа различни медиуми го рефлектира неговиот поглед кон светот како реалност која постојано се менува, во која многу работи се движат низ времето и просторот, преклопувајќи се на рамнина која се протега бескрајно далеку…
Мице Јанкуловски има одржано над педесет самостојни изложби во престижни простори во својата земја и на меѓународната сцена, како во Палатата Ка ‘Занарди во рамките на ОСТЕН павиљон Венеција, Италија; Галерија Лола Николау во Солун, Грција; Градската галерија во Варна, Бугарија; Архиви дела Мизерикордија во Венеција, Италија; Devlet Resim Heykel Muzesi во Анкара, Турција; Југословенскиот културен центар во Париз, Франција и голем број на групни изложби.
Добитник е на највисоки меѓународни награди за творештво: Наградата за животно остварување „Лоренцо ил Магнифико” на Фиренца Биенале, Италија, оваа година, Наградата „Уметник на светот” на Биеналето Ларнака, Кипар 2018, ГРАН ПРИ на Меѓународното биенале на графика Варна, Бугарија во 2017 и многу други…
Оваа, 2019 година, Мице Јанкуловски одбележува 50 години уметничко творештво и до крајот на годината ќе има самостојни изложби во Прилеп, Куманово, Тетово, Торино, Италија; Ст. Петерсбург, Русија и Солун, Грција – изложба со дела од Пикасо.
Мице ЈАНКУЛОВСКИ е роден во 1954 во Сливово, Охрид. Живее и работи во Скопје, С. Македонија.
Почетоците на уметничкото создавање на Мице Јанкуловски датираат од 1969 г., додека концептуален пристап кон апстрактното сликарство развива од раните седумдесетти години.
Неговата прва слика – круг со органски форми во масло на платно создадена во неговата рана возраст од 15 години, е првата од фазата слики со органски форми во неорганизирани системи, подоцна наречена „Форма 1”. Во следните серии, „Форма 2”, тој приоѓа одблиску кон неговите форми, ги растура формите, оставајќи како тема на сликите само криви и лаковидни форми. Во најновите дела, сериите наречени „Форма 3”, тој работи само со црна боја која е нанесена на површината на платното во дебел слој, при тоа користејќи посебни алатки за да направи геометриски форми, линии или различни растери на неговата површина. Неговата цел со ова е да создаде ефект кој реагира на промената на насоката на светлината, овозможувајќи му на набљудувачот нови и нови искуства додека се движи пред делата. Мице Јанкуловски ја враќа аналогната релација кон уметноста со тоа што го покажува начинот на сликање кој се открива од страна на гледачот со одење околу просторот каде се изложени сликите.