Изложбата PLUVIA од вечерва во Ресен
Вечерва во Домот на културата „Драги Тозија“ во Ресен ќе се одржи изложбата на ликовни творби на ученици од прва и втора година од ЦОУ „Цар Самоул“ од Ресен, под раководство на предметниот наставник Шенер Далиповски.
„Изложбата насловена PLUVIA, содржи дел од опусот на цртежи кои ги изработија моите ученици во учебната 2017/2018 година. Тука ќе се видат голем дел од нивните ликовни размислувања, стилови, колорит, искажани на начин на кој што тие саммите го доловиле, или пак согледале“, истакна професорот Далиповски.
Изложбата е во организација на Домот на културата „Драги Тозија“, кој ќе биде и домаќин на изложбата во наредниот период во нивниот изложбен салон.
„За нас како организатори особено значајно е тоа што ја промовираме локалната ликовна уметност и секогаш огромно задоволство ни претставува кога можеме да им излеземе во пресрет на најмладите, чиј труд и талент е убаво да биде забележан од што поголем број публика, која се надеваме дека ќе ја имаме во голем број во наредниот период, додека трае изложбата“, истакна директорот Васко Василевски.
Покровител на изложбата е ресенскиот градоначалник Живко Гошаревски, а проектот е поддржан од Министерството за култура. Изложбата ќе биде отворена вечерва во Ресенскиот Сарај, а за публиката ќе може да ја види во наредните 10-тина дена.