22/11/2024
Македонија

Измени и дополнување на Законот за акцизите

Донесен е Законот за изменување и дополнување на законот за акцизите („Сл. весник на РМ“ бр. 171 од 28.11.2017 година) кој стапи во сила на ден 06.12.2017 година, а ќе се применува од 01 јануари 2018 година.

Со измените се зголемува акцизата на гасното масло од тарифните ознаки 2710 19 43 00, 2710 19 46 00, 2710 19 47 00, 2710 19 48 00, 2710 20 11 00, 2710 20 15 00, 2710 20 17 00 и 2710 20 19 00 за 3 денари. Износот на акциза за намена за погонско гориво ќе изнесува 15,121 денари, а како гориво за греење 6,136 денари.

Пропишана е обврска во случај на зголемување на акцизата на минералните масла, трговецот на големо и трговецот на мало на минерални масла на денот на почетокот на примена на истата да направат попис на затечените залихи на минералните масла, да подготват записник за извршениот попис и да го поднесат до Царинската управа не подоцна од пет работни дена од денот на извршениот попис. При зголемување на акцизата на минерални масла, плаќањето на разликата во акцизата од страна на акцизните обврзници се врши со поднесување на акцизна пријава најдоцна во рок од 30 дена од денот на зголемување на акцизата.

За неизполнување на обврските се пропишани и прекршочни одредби, и тоа глоба во износ од 15.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за сторен прекршок на даночниот обврзник правно лице и трговец поединец ако не направи попис и не подготви записник на затечени залихи на минерални масла, на денот на почетокот на примената на зголемената акциза на минерални масла и не го достави во рок од пет дена до Царинската управа, како и ако не поднесе акцизна пријава за плаќање на разликата во акцизата, при зголемување на акцизата на минерални масла.