Извештај на Еврокомисијата за еднаквоста меѓу жените и мажите
Европската комисија го одбележа Меѓународниот ден на жената со објавување на Извештајот за еднаквост меѓу мажите и жените од 2018 година, како и презентација на Извештајот за жените во технологијата.
Комисијата даде предлог за подобрување на рамнотежата на работниот живот на работните семејства, Акционен план за справување со родовиот јаз во платите и повика да се стави крај на насилството врз жените, преку финансирање и подигнување на свеста.
Извештајот за родовата еднаквост од 2018 година покажува дека жените и понатаму ги преземаат повеќето одговорности за грижа во семејствата, родовиот јаз во платите со години стагнира на 16% и продолжува насилството врз жените.
Статистиката вели дека европските жени се подобро образовани од мажите: 44% жени на возраст од 30-34 години наспроти 34% мажи добиле универзитетска диплома во 2016 година. И покрај ова, жените се недоволно застапени на одлучувачките позиции во компаниите и сè уште заработуваат во просек 16% помалку од мажите низ ЕУ. Родовиот јаз во вработувањето во последните неколку години стагнира на околу 11 процентни поени.
Просечно, 44% од Европејците сметаат дека жените треба да се грижат за своите домови и семејства.
Жените, исто така, се недоволно застапени и во политиката. Во шест земји (Грција, Хрватска, Кипар, Латвија, Унгарија и Малта) жените претставуваат помалку од 20% од членовите на парламентот.
Поразителен е фактот што една третина од жените во Европа доживеале физичко и/или сексуално насилство уште од 15-годишна возраст, а 55% од жените во ЕУ биле сексуално вознемирени.
Еврокомисијата е насочена кон дигиталниот сектор и според планот во оваа област ќе се создадат 500.000 нови работни места до 2020 година. За жал, само 25% од жените во високото образование дипломираат во технолошки области. За да се променат овие бројки, покрената е Иницијатива за жени во ИТ-секторот за периодот 2018 – 2019 година, која вклучува надминување на стереотипите, промовирање на дигитални вештини и образование, како и застапување за повеќе жени претприемачи.
Базирајќи се на тоа дека еднаквоста меѓу жените и мажите е темелна вредност на Европската Унија, работата на Комисијата за политиката за родова еднаквост се заснова на „Стратешкиот ангажман за родова рамноправност 2016 – 2019“, кој се фокусира на пет приоритетни области:
- зголемување на женското учество на пазарот на трудот и еднаква економска независност на жените и мажите;
- борба против сиромаштијата кај жените;
- промовирање на еднаквоста помеѓу жените и мажите во донесувањето одлуки;
- борба против родовото насилство и заштита и поддршка на жртвите;
- промовирање на родовата еднаквост и женските права во светот.