Известување за шумски пожар на планината Галичица
Општина Охрид внимателно ја следи состојбата со шумскиот пожар на планината “Галичица” кој е активен на потег во рамки на националниот парк. Пожарот, во текот на вчерашниот ден од територија на Република Албанија, каде што беше регистрирано почетното жариште, ја зафати шумата и на територија на Република Северна Македонија.
Вчера во 14 часот, градоначалникот на Општина Охрид, Константин Георгиески по претходна координација со надлежните од Национален парк “Галичица” испрати барање до Центарот за управување со кризи за ангажирање на летало, за проценка на пожарот и за спроведување на активности за гаснење од воздух.
Според првичните информации, од пожарот е зафатен шумски потег со високо стеблеста шума, на непристапен предел и нема опасност од проширување кон населени места.
За сите информации во врска со шумскиот пожар, јавноста ќе биде тековно и навремено информирана.