Извршена свечена канонизација на Вишенските светии
„Спасителови чеда со души девствени и на Црквата украси достојни сте зашто секоја лага ја разобличивте со подвиг и вера огнена, Спасе сечесен и Спасо со чисто срце, постанавте жители на Рајот и за нас брзи застапници“ (тропар на светите Спасе Вевчански и Спаса Вишенска).
Црквата како жив организам чија глава е Самиот Христос секогаш ги препознава светилата во светот, а и верно ги следи и исполнува зборовите на Спасителот дека светилото не се става под поклопец туку на свеќник, за да им свети на сите (Мт. 5, 15). Црквата не е збир од некакви морални и канонски мерки туку Тело Христово, чии членови се верните чеда, а од кои, пак, се очекува и чија цел треба да биде постојаниот стремеж кон светоста. И светоста не е некој архаичен и историски термин заборавен во првите три века туку нешто што се случува постојано, во сите дни од постоењето на овој свет. Има и неизборјни неоткриени светила и цел еден свет од маченици чии имиња не сме ги дознале, но ете така благоволил Бог. Он, пак, со Својата непогрешлива Промисла и преку Својата неискажлива милост, еве по вторпат за неколку години ја удостојува нашата света Дебарско-кичевска епархија да се радува на Неговите светии, на оние кои без трошка сомнеж и храбро се упатиле на патот кон светоста. По Пречистанските маченици, еве Господ сега не удостои да ја објавиме канонизацијата и на светите исповедници и праведни Спасе Вевчански и Спаса Вишенска.
Имено, според Одлуката на Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, а на предлог на Комисијата за канонизација на светии во МПЦ-ОА, светите праведни Спасе и Спаса беа вброени во диптихот на светиите, а како ден за нивно празнување се определи Неделата на Слепиот – Неделата пред Вознесението Христово. Почитувајќи ја оваа Одлука, свечената објава на канонизацијата се случи токму во оваа Недела, која оваа година беше на 08 и 09 јуни.
Прославата на овој свечен историски настан започна на 08 јуни во попладневните часови, со Вечерни богослужби во храмот „Св. Атанасиј“ во с. Вишни, Струга, на којашто чиноначалствуваше Неговото Преосвештенство Епископот Антаниски г. Партениј, како и во катедралниот храм „Св. Софија“ во Охрид, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј. По завршувањето на богослужбите, во катедралниот храм „Св. Софија“ беа свечено дочекани моштите на светата Спаса Вишенска, а потоа беше отслужен и последниот парастос за новопрогласените светии.
Утредента, на 09 јуни 2024 година, во храмот „Света Софија“, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Блаженство Митрополитот Скопски и Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима г.г. Стефан, во сослужение на Епископот Нишки г. Арсениј од Српската православна црква, Митрополитот Старозагорски г. Кипријан од Бугарската православна црква, Митрополитите Дебарско-кичевски г. Тимотеј, Повардарски г. Агатангел, Крушевско-демирхисарски г. Јован, Европски г. Пимен, Брегалнички г. Иларион, Тетовско-гостиварски г. Јосиф, како и Епископите: Илиндинско-дељадровски г. Јоаким, Делчевско-каменички г. Марко, Дремвитски г. Давид, Антаниски г. Партениј, Стобиски г. Јаков и Велички г. Никола. Сослужуваа и архимандритите Нектариј и Доситеј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски, Никола Грамбозов, Димче Ѓорѓиески и Александар Димоски, протоерејот Васко Голабоски, свештеникот Александар Матески, протоѓаконите Николче Ѓурѓиноски, Александар Димитријов, Драган Ѓорѓиевски, Ѓорѓи од Нишката епархија, Драган Иванов, ѓаконите Дејан Борисов, Стефан Гоговски и други. На Литургијата присуствуваа и Митрополитот Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско-новозеландски г. Петар, Епископот Хераклејски г. Климент, и многубројно свештенство и верен народ. На Малиот вход, Епископот Климент ја прочита Одлуката за впишување во редот на светиите, а нашиот надлежен архиереј Митрополитот Тимотеј го прочита краткото житие на светиите (синаксарот). Потоа беше изнесена иконата на новопрогласените Вишенски светии, а Архиепископот Стефан благослови со неа на четирите страни, а потоа беа отворени и моштите на светата Спаса и изложени за поклонение. Со овој чин светите Спасе Вевчански и Спаса Вишенска и официјално беа вбројани во редот на светиите, а потоа светата Литургија продолжи според востановениот ред. Литургијата беше уште поукрасена со прекрасните гласови на двата хора: од Бигорскиот манастир и градскиот црковен хор „Св. Климент Охридски“, а по завршувањето на Литургијата, Архиепископот Стефан се обрати со пригодна беседа кон неизбројниот верен народ. Светите Спасе и Спаса нека бидат наши постојани застапници и молитвеници пред престолот на Севишниот Бог, и нека се застапуваат за нас грешните, та и сите ние да го најдеме патот што води кон спасението, и заедно со нив да се насладуваме со вечните блага. Нивниот сеславен спомен нека биде вечен, а ние верните да го прославуваме со радост и со подражавање на нивниот подвиг. На многаја лета!
WebOhrid / 10.06.2024 / Дебарско-кичевска епархија