24/11/2024
Дебрца

Извршено осветување на храмот „Св.Петка“ во Волино

На 27.10.2024 година, во Осумнаесеттата недела по Педесетница и денот кога го прославуваме празникот на преподобната Параскева – Петка, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештеникот Драган Шуминоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски, изврши осветување на храмот „Св. Петка“ во с. Волино, општина Дебрца, Охрид.

Храмот започна да се гради во 2010 година, по иницијатива на Ѕвезда Иваноска, а со поддршка на Црковниот одбор од селото. Истиот се изгради со донациите на месното население, на волинската дијаспора и на сите добронамерни верници од пошироката околина.

Откако беше осветен храмот, се отслужи и првата Литургија, на којашто присуствуваше голем број верници од селото и од пошироката околина.

По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа.


WebOhrid / 28.10.2024 / Дебарско-кичевска епархија