25/11/2024
Македонија

Jавна дискусија за нацрт амандманите за уставните измени на Универзитетот на ЈИЕ во Тетово:

Заменик претседателката на Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска и Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи учествуваа на последната петта јавна дискусија за нацрт амандманите за уставните измени којашто се одржа денеска во Тетово во просториите на Универзитетот на Југоисточна Европа.

Јавната дискусија ја отвори ректорот на Универзитетот на ЈИЕ во Тетово, проф. д-р Абдулменаф Беџети, а своите размислувања, предлози и сугестии со присутните студенти, професори и граѓани ги споделија и професорката и проректор за истражување и меѓународни односи на Универзитетот на ЈИЕ во Тетово, Беса Арифи и професорот Блерим Река.

Заменик претседателката на Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска ја испрати пораката дека се затвора едно од најважните прашања за нашата држава и затоа е важно овој процес да се води инклузивно со вклученост на граѓаните и сите општествени чинители.

„Јас верувам дека ова што го правиме е шанса на младите да им дадеме крилја за да можат својата земја да ја направат подобро место за живеење. За таа цел ни една жртва не е преголема. Ова е процесот кој ќе ни овозможи членство во НАТО и ЕУ“, порача министерката Шекеринска.

Министерката Шекеринска  во своето обраќање се осврна на политичкиот процес кој трае веќе 27 години, на пропуштените шанси и историски грешки кои не смееме да ги повториме и рече дека мора на време да го заокружиме процесот, бидејќи нашата држава после сите резултати и храбри чекори што ги презеде го заслужува членството во НАТО и започнувањето на процесот на преговори со ЕУ.

„Главната измена во Уставот се разбира, се должи на крупната отстапка. Главната измена се однесува на прашањето на името на нашата држава и тоа беше најкрупната дебата која што се водеше сиве овие години. Сметаме дека на ваков начин, покажуваме дека Македонија платила голема цена заради нерешениот спор, научила од тој период и прави отстапка не во име на политичка прагма, не во име на статус-кво, туку прави отстапка во име на својата иднина. Останатите измени во Уставот се однесуваат на прашање кои што никој во Македонија практично не и ни ги спори. Една од уставните измени кои што се предлага е многу јасна формулација дека државата нема да се меша во внатрешните работи на соседните држави, дека границите се непроменливи“, истакна министерката Шекеринска и додаде дека паралелно процесот на интеграција на земјата во ЕУ и НАТО ќе се продолжи да се работи и на внатрешна интеграција и зацврстување на врските и релациите помеѓу граѓаните.

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи ја нагласи потребата од брзо и навремено заокружување на процесот на уставните измени, и како клучни во тој процес ги наведе јавните дискусии на кои се дебатира и се разменуваат мислења и идеи со стручната јавност и граѓаните за решавањето на ова важно политичко прашање кое ги отвора вратите за членство на нашата земја во ЕУ и НАТО.

„Да бидеме внимателно посветени на последните денови од заокружување на овој процес бидејќи втора шанса нема да имаме. Целта која што не обединува е членството во НАТО и ЕУ. Економските придобивки од членството во НАТО и ЕУ ќе го подобрат квалитетот на живот на граѓаните и ќе ја донесат Европа кај нас“, соопшти вицепремиерот Османи.

Вицепремиерот Османи зборуваше за нашата улога во регионалните и глобални случувања, за геостратешките интереси  и во тој правец ја нагласи итноста на завршување на процесот за наше конечно зачленување на НАТО.

„Уставните измени се изработени во духот на Преспанскиот договор во постојана координација со грчката страна. Станува збор за многу сложен процес чијашто завршница се наближува. Мораше да се прецизираат одлуките и сет на документи на АСНОМ. Целта беше да се отфрлат сите можни иредентистички и сепаратистички моменти“, рече вицепремиерот Османи.

Вицепремиерот Османи рече дека уставните амандмани го прецизираат и АСНОМ и го препознаваат и местото и улогата на Охридскиот договор како еден од темелите за социјална кохезија на македонската држава со што Уставот на Република Македонија добива инклузивност.

Професорката Беса Арифи во своето обраќање изнесе конкретни предлози со кои може да се подобри текстот на нацрт амандманите за кои рече дека се дел од еден долг и повеќедимензионален процес.

„Проблемот со името на државата не држи заложници и изолирани 27 години. Бевме први за евроинтеграција, останавме последни додека граѓаните на државата, уморни од ваквата реалност во која сме изолирани три децении се повеќе ја напуштаат земјата засекогаш и некаде во туѓина ја бараат перспективата што не можат да ја најдат во својата земја“, потенцираше професорката Арифи и рече дека Преспанскиот договор треба да се поздрави и силно да се поддржи бидејќи става крај на 27 годишното изолирање на земјата.

„Нема идеален Устав, а уставите не се свети книги, секогаш може да се коригираат, но историските можности не треба да се испуштат. Сите овие години е изгубено многу време и енергија, конечно е време овој проблем што не држел во застој толку години еднаш засекогаш да се реши и да не претставува товар за следните генерации“, подвлече професорката Арифи.

Пред студентите, граѓаните и професорите кои присуствуваа на петтата јавна дискусија за нацрт амандманите за уставните измени се обрати и професорот Блерим Река кој зборуваше за политичкиот процес и политичкиот контекст во регионална и глобална смисла и во тој правец наведе 4 фактори од кои два надворешни и два внатрешни кои влијаат на целиот процес.

„Финалната фаза на уставните измени од политичарите бараат повеќе политичка отколку само техничка умешност – за да се адресираат суштинските предизвици карши овој историски процес. Пред Македонија е навистина битката со времето и битката за гласовите, но пред сè битката за нејзината иднина. Најголемиот добитник на евентуалниот пораз би биле силите кои не сакаат да ја видат Македонија ниту во НАТО, ниту во ЕУ“, рече професорот Река.

Во дебатата што продолжи потоа зедоа учество студенти и професори кои се осврнаа на повеќе различни аспекти на целиот процес, како и на одделните нацрт амандмани со конструктивни забелешки и предлози.

Предлозите и сугестиите коишто беа споделени во двочасовната дебата ќе бидат сумирани до Владата којашто ќе изработи заклучоци од серијалот јавни дискусии и истите ќе ги достави до Собранието на Република Македонија.