Јанушев: ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе кривична пријава за Џафери и директорот на службен весник
Почитувани,
Потпишувањето и праќањето на законот за двојазичност во Службен весник од страна на господинот Талат Џафери, без потпис на претседателот на државата, Ѓорѓе Иванов е незаконски и насилнички обид да се протуркаат решенија кои ќе остават далекусежни последици по државата.
Секое објавување во „Службен весник“ на законот за двојазичност без претходен потпис од страна на Претседателот на државата, не е ни легално ни легитимно и сноси не само политички туку и правни последици. Незаконското објавување на законите е злоупотреба на службена должност и е казниво согласно член 353 од Кривичниот закон на Република Македонија. Ова дело не застарува за година или две за да може сторителот да биде амнестиран од Кацарска судството на Зоран Заев. Со оглед на тежината на делото и огромните штети за Република Македонија кои би ги предизвикало незаконското објавување во Службен весник, ставот 5 од членот 353 предвидува затворска казна од најмалку 5 години.
ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе кривична пријава против Талат Џафери и директорот на службен весник, но и против сите за кои ќе биде утврдена одговорност дека го прекршиле законот, за објавување на законот за двојазичност без потпис на претседателот на државата. Дополнително ќе поднесеме иницијатива за испитување на уставноста на законот за двојазичност до Уставниот суд.
Со овој закон се урива уште еден темел на Република Македонија кој ги поврзуваше сите етнички заедници кои живеат тука. Овој закон е уште една хипотека преку која Заев се обидува да ја плати цената за неговото доаѓање на власт и затоа ваквото однесување на СДСМ и ДУИ е срамно и неприфатливо.
ВМРО – ДПМНЕ ги повикува сите институции на централно и локално ниво да го игнорираат и бојкотираат операционализирањето на овој неуставен и штетен закон. Доколку одговорните во институциите се соочат со какви било проблеми или закани, ВМРО – ДПМНЕ и правната комисија им стојат на располагање за правна или било каква друга помош.
Почитувани,
Власта нема легитимитет за промената на името и спроведување на законот за двојазичност. Граѓаните не го дадоа својот глас за Зоран Заев да се пазари со државата и националните интереси.
Со секој поминат ден со СДСМ на власт штетите по Македонија се огромни.
Зоран Заев наместо да се охрабри и да го распушти собранието со цел организирање на предвремени парламентарни избори заедно со претседателските, избега на луксузно зимување во германскиот ски центар Гармиш Партен Кирхен.
Заев бега затоа што знае дека се што направи е против волјата на граѓаните. Промената на името не е по волја на македонскиот народ, туку е поради изнудениот глас на 81 пратеник. Заев бега од избори затоа што сака да ја пустоши државата уште две години.
Македонија не е и не смее да биде сламка за спас на пропадната политичка кариера на Зоран Заев.
СДСМ знае дека во услови на техничка влада со минимални гаранции за фер избори, тие ќе изгубат. Затоа бегаат и не сакаат избори.
Господине Заев провидни сте!
Господине Заев и господа од СДСМ покажете храброст и државотворност барем еднаш во животот и распуштете го собранието за организирање на предвремени парламентарни избори заедно со претседателските. Изборите се единствен начин Македонија да тргне напред. СДСМ мора да си замине за доброто на државата и нејзината иднина.
ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на овие избори и ќе ги поврати сите штетни процеси кои ги има направено оваа власт.