04/12/2024
Македонија

Јавните културни институции не смеат да промовираат загрозување на основните човекови права и демократските придобивки

ЈАДРО – Асоцијација на независната културна сцена изразува критика што Кинотека на Северна Македонија, како јавна културна институција, отстапува простор за настани кои поттикнуваат дискриминација, говор на омраза, ненаучни ставови и политики на исклучување. Ова е спротивно на целта на секоја културна институција и претставува опасен преседан.

Сметаме дека е сериозно загрижувачки што јавната културна институција Кинотека на Македонија ѝ отстапи простор на анти-родовата трибина „Постојат ли озаконети идеолошки индоктринации во македонското образование?!“, организирана од граѓанската организација „Родителски фронт“ во Кинотеката на Македонија на 20 ноември 2024 година.

Кинотеката на Македонија е јавна културна институција финансирана од државниот буџет, која има обврска да ги почитува принципите на инклузивност, толеранција и еднаквост. Јавните институции имаат обврска да постапуваат одговорно и принципиелно во програмирањето на своите активности, внимавајќи тие да бидат во согласност со почитувањето на заедничкото добро и на инклузивноста. Просторите финансирани од јавниот буџет не смеат да бидат места за промоција на ретроградни и антидемократски наративи базирани на стереотипизација, стигматизација и дискриминација на граѓаните по основа на род, родов идентитет и сексуалност. Јавните културни институции треба да бидат платформа за современи културни програми кои ги почитуваат, наместо да ги уназадуваат основните човекови права и демократски придобивки. Тие треба да бидат пример за простори на прогресивност, критичка култура, слобода и еманципација, а не за терминолошка, декларативна и фактична злоупотреба на овие категории.

Дополнително, Кинотека, како јавна културна институција, треба да биде запознаена со профилот на организацијата на чија програма отстапиле простор. Родителски фронт е дел од мрежата на анти-родовото движење што неколкупати во изминатиов период сензационалистички повикуваше на цензура и бојкотирање на дела на уметници и културни работници од независната културна сцена, проследено со тенденциозно толкување на нивните дела и применетите уметнички практики. Преку овие акции на јавен линч, мрежата на анти-родовото движење целеше кон натамошна стигматизација на жените, родовите и сексуалните малцинства.

Во оваа прилика, ЈАДРО смета дека е неопходно да изразиме солидарност со колегите од граѓанскиот сектор кои со децении наназад работат на социјална правда, инклузија и родова нееднаквост. Неоправданата дисквалификација на нивното знаење и работа дополнително ја поларизира јавната дебата и создава простор за натамошно ширење на наративи на исклучување.

Поразително е што програми што се директно во судир со демократските вредности и човековите права добиваат простор во јавните културни институции. Ова покажува дека тие не се доследни во својата „отвореност“, што го поткопува нивниот кредибилитет и создава сомнеж за нивната непристрасност и одговорност кон сите граѓани.

Што сѐ промовираше трибината одржана во Кинотека?

Трибината во Кинотека промовираше ставови кои беа ненаучни, дискриминаторски и длабоко проблематични.

● Нападите врз Истанбулската конвенција и повиците за нејзина дератификација ја игнорираа нејзината клучна улога во заштитата и спречувањето на насилството врз жените.
● Негирањето на постоењето на родот и родовиот идентитет, спротивно на научните сознанија, ги загрозија правата на ЛГБТИК заедницата, создавајќи социјална стигма и несигурност.
● На трибината се говореше и за ограничување на автономијата на просветните работници, преку повикување на вмешување на нестручни поединци во образовниот процес, и за исклучување на содржините за родова сензитивност, еднаквост и инклузивност од образовните содржини.
● Ширењето дезинформации за родовата еднаквост и сеопфатното сексуално образование креираше атмосфера на страв и лажна паника, со цел да се спречи воведување на едукација ослободена од предрасуди и стереотипи.
● И, последно, иако говорниците декларативно го признаа секуларниот карактер на државата, целеа да докажат дека историската улога на црквата во образованието ѝ дава право да се меша во современиот образовен систем, што де факто го поткопуваат уставниот принцип на секуларност.

ЈАДРО – Асоцијација на независата културна сцена бара од Министерството за култура и од Кинотека на Македонија да се изјаснат по изборот на оваа програма и да се извинат на граѓаните на Република Северна Макединија за одлуката, со тоа покажувајќи одговорност, транспарентност и отчетност во својата работа.

ЈАДРО упатува апел до сите јавни културни институции својата работа да ја спроведуваат во согласност со принципите на демократијата и човековите права, и доколку се одлучат да дискутираат за статусот со образованието во нашата држава, да посегнат по конструктивни негови решенија, без да ги загрозуваат соживотот и напредокот во општество во кое веќе имаме доволно насилство, омраза и поделби.


Јадро – Асоцијација / 03.12.2024