22/11/2024
Охрид

ЈОУДГ „Јасна Ристеска“ го одбележа својот патронен празник

Со свечена приредба која се одржа вчера во спортската сала „Билјанини извори“, ЈОУДГ „Јасна Ристеска“ го одбележаа својот патронен празник.

Пред бројните родители и гости во името на Општина Охрид се обрати Ана Крстеска, заменик градоначалник.

– Навистина ми претставува посебно задоволство во ова убаво празнично попладне, кога ја славиме слободата на нашиот Охрид, да бидам дел од оваа неповторлива атмосфера и заедно со сите вас да уживам во овој прекрасен детски свет. 

Детските насмевски се како сончеви зраци кои ни ги затоплуваат срцата, а детската радост ни ја исполнува душата со неописливи чувства. Децата се она што ги прави овие 80 години на Охрид историски значајни и вечни, тие се иднината на нашиот град, нашето највредно богатство и му даваат смисла на животот.

Децата се нашите најголеми учители, затоа што со својата невиност, ни покажуваат што значи вистинската љубов – онаа која расте кај секој од нас и се множи кога ја споделуваме со другите.

Со длабока почит, во мое лично име и во името на Општина Охрид би сакала да изразам голема благодарноста до целокупниот кадар на градинката „Јасна Ристеска“. Вашата несебична работа, посветеност и љубов, кои ги вложувате во секое дете, ја прави оваа установа вистинско царство на игри, воспитание и едукација.

Вашиот труд не може да биде измерен, но неговиот резултат се гледа во секое наше дете. Токму затоа, Општина Охрид постојано вложува во подобрување на условите за згрижување и образование, а така ќе биде и во иднина.

Драги дечиња, ви посакувам да имате безгрижно детство исполнето со другарување, а секој ден да ви биде поубав од претходниот. На вас, ценети родители ви поскувам да се гордеете со своите најмили, а на вас почитувани воспитувачи ви посакувам истрајност и нова креативна енергија, за вакви убави случувања.

Нека е честит патрониот празник на градинката, нека честит и вековит 7-ми Ноември, нека е вечен слободен Охрид, истакна Крстеска во своето обраќање.

Во рамки на свечената програма беа изведени бројни музички и танцувачки точки подготвени од најмладите, под менторство на воспитувачите од градинката.


WebOhrid / 08.11.2024 / Општина Охрид