Јованоски: Остануваме посветени и продолжуваме да инвестираме во современ развој на Охрид
Претседателот на ОО на СДСМ – Охрид, Науме Јованоски, денес одржа прес-конференција.
„Предводејќи ја локалната и централната власт, СДСМ покажа и докажа дека вистински е посветена на креирање квалитетни политики, дека е подготвена за реализирање на значајни проекти и дека неуморно работи за обезбедување на подобра иднина за Општина Охрид.
Врз основа на внимателно идентификувани потреби на граѓаните и исклучителна посветност, успеавме да реализираме голем број квалитетни инфраструктурни проекти. Благодарение на ангажманот на нашиот градоначалник Константин Георгиески, реконструирани се и асфалтирани значајни градски сообраќајници и значително се подобрени условите за безбеден и динамичен сообраќај, што е од особена важност и за жителите но и за туристите кои го посетуваат градот.
Локалната власт предвидена од СДСМ комплетно ги реконструира улиците “АСНОМ”, “Егејска”, „Прва Македонска ударна бригада“, „Охридска бригада“, „Марко Цепенков“ и изградена е нова улица на потегот во поранешната касарна.
Веќе ја пуштивме во употреба улицата „15-ти Корпус“, а во најскоро време ќе може да се пофалиме со финализирање на сложениот инфраструктурен проект за реконструкција на улицата „Абас Емин“. Исто така, како што ви е познато, во моментот интензивно течат и активностите за реконструкција на водоводната линија и коловозот на улица „Јане Сандански“, која исто така е многу значајна сообраќајница во нашиот град.
Работиме одговорно и домаќински, со темелен пристап и голема упорност.
Остануваме посветени и продолжуваме да инвестираме во современ развој на Охрид и обезбедување на подобри услови за туристички напредок.
Ние сме партија која е отворена за граѓаните. Подготвени сме да ги слушнеме вашите приоритетни потреби, вашите визии и предлози, кои ќе придонесат за подобрување на условите за урбано живеење, како и за останатите сегменти кои се важни за општествениот развој на градот, како културен и туристички центар.
Заедно со Вас граѓаните го имаме и го обезбедуваме НАЈДОБРОТО ЗА НАШАТА ОПШТИНА! Градоначалникот Константин Георгиески покажа волја, храброст и подготвеност да се бори и да биде вистински пример, дека кога се сака и кога се умее, може да се постигне голем успех. Тој ја заслужи вашата несебична поддршка за уште еден мандат и убедени сме дека заедно со него одиме на уште една голема победа во Охрид!“ – истакна Јованоски.