„Каде е пиштолот?“ премиерно на репертоарот на Народен театар Охрид
Текстот на најпознатиот унгарски автор Габор Ѓоргеј – „Каде е пиштолот?“ за првпат преведен и поставен во Македонија, премиерно ќе биде на репертоарот на Народен театар Охрид.
Премиерата ќе биде изведена во Центарот за култура „Григор Прличев“ Охрид, на 28ми декември, со почеток во 20 часот, а на 27ми декември, ќе биде одиграна претпремиерата во истиот термин. Влезници можат да се набават во Билетарницата при НУЦК „Григор Прличев“ – Охрид, а ќе чинат за претпремиера 200 денари, додека за премиерата 250 денари.
Претставата е во режија на Дејана Николовска.Улогите во претставата ги толкуваат Горан Стојаноски, Никола Тодороски, Адријана Билаловиќ Тодороска, Ивица Цонев, Стрезо Стаматовски. Сценограф, костимограф и дизајн на светло е Милена Пантелеева, музиката е на Гаро Ашикјан, кореографијата е на Асја Иванова, драматург е Кристина Тодороска Петреска, инспициент Филип Ангеличин-Жура, а технички раководител Зоран Левески.
„Каде е пиштолот?“ е модерен сатиричен текст со силна егзистенцијалистичка позадина, создаден во седумдесеттите години од минатиот век. Во својата срж текстот се занимава со човековата дуална природа, играјќи помеѓу позициите на опресор и потчинет низ петте ликови кои го носат дејствието.
Зборот „пиштол“ предложен уште во насловот не е ништо друго туку театарски знак, систем на апстракции, симбол на моќта на насилство – кого ликовите го користат за да ги тероризираат останатите. Местото на дејство е затворен простор , во кој гледаме четири луѓе што седат и петтиот како вперува пиштол во нив. Четири од нив секогаш сакаат да излезат надвор од собата, а петтиот секогаш ќе се чувствува добро внатре. Тоа е оној кој е со пиштолот. Изворот на сите проблеми е токму тој – пиштолот. Пиштолот би можел да има и понаква намена, но не во овој случај. Tажно e, но овде не е можно да живеете без пиштол!
Габор Ѓоргеј е унгарски писател, драматург, режисер. Помеѓу 2002-2003 бил Министер за култура на Унгарија. Бил уредник на бројни литературни списанија во Унгарија, член е на Унгарскиот ПЕН клуб. Бил главен драматург во Националниот унгарски театар, резидент во Мадаш Театар, како и на Панониа филм студио. Автор е на преку 30 литературни дела (драма, поезија, новели) а со пиесата “Каде е пиштолот?” добива меѓународно реноме, а пиесата се игра на многу меѓународни сцени, меѓу кои и САД. Добитник е на бројни литературни награди.