23/11/2024
Спорт

Кадетскиот Евробаскет 2021 ќе се одржи во Скопје

Скопје и Македонија ќе бидат организатори на Европското првенство „Дивизија „А“ за кошаркари „Под 16“ години, потврди централата на европскиот дел на ФИБА во Минхен.

На седницата на Бордот на ФИБА Европа беа утврдени домаќините на сите младински натпреварувања за наредната 2021 година.

Вклучително, и пријавата која ја испрати нашата федерација со која ја потврди спремноста за организација на вака големо натпреварување од оној младински сегмент на ФИБА.

Согласно со тоа, кадетскиот Евробаскет ќе биде реализиран од страна на КФСМ во периодот од 13. до 21. август, 2021 година во нашиот главен град.

Во исто време, ФИБА Европа ги потврди и местата односно градовите каде ќе се натпреваруваат уште четири наши национални селекции.

Машката селекција „Под 20“ години ќе се натпреварува на ЕП од Дивизијата „Б“ кое од 16.до 25.јули ќе се одржи во Тбилиси (Грузија).

Селекцијата „Под 18“ години ќе игра на ЕП од Дивизијата „Б“ кое од 30.јули до 8.август ќе биде организирано во романската Орадеа.

Во женска конкуренција, КФСМ пријави две селекции.

Онаа „Под 18“ години е пријавена за настап на ЕП од Дивизијата „Б“ кое од 23.јули до 1.август ќе се одржи во Оберварт, Гусинг (Австрија), додека две години помладите кошаркарки, оние до 16.години, ќе играат на ЕП од Дивизијата „Б“ кое е предвидено да се реализира во периодот од 5. до 14. август во Сараево (БиХ).