23/11/2024
Писма/Колумни

Како е ова можно другарки и другари, браќа и сестри!?

Не многу одамна напишав: Тоа е чиста биологија: Боки tredici може да го изнедри само едно гнило, атрофирано, перверзно општество!? Тој, самиот по себе, е една голема перверзија! И сите околу него, вклучувајќиги, пред се, политичарите, а, за жал, и моите колеги – новинари, во неговата телевизија. Секоја чест на исклучоците!

Беше Боки, сега е Катица на врвот на приоритетите на медиумите и гладната за сензации јавност. Еден ревносен проследувач, веќе изброја ДУРИ десетина читања за настаните на “Струшките вечери на поезијата”, а стотици и стотици илјади, море цело милионче – за Боки и Катица!

Со години ги следам случувањата во “Куќа Уранија” – МАНУ, за време летната манифестација – “Научна и уметничка визита”. Од ова лето и во официјално својство.

Таму новинар не припарува. Во една прилика, дојде еден од националната, ни, нели новинска агенција, за Романо Проди.Нешто сними, нешто слушна, го виде Проди одблиску и во извештајот напиша, како – тоа што го видел и чул, било кажано САМО за неговата новинска агенција! А министерот, пријателот Дамјан Манчески прашува: Како тоа Нимфомах (грешката е намерна!), може да биде медиум!?

Е како де? А, како може државната новинска агенција да биде медиум, при известување какво што погоре ви опишав?

Наравоучение: Ниту Инфомах, може да биде медиум во едно зрело општество, ниту нашата официјална, државна агенција може да биде медиум. Кај нас може, затоа што сме ние општество на испревртени вредности – гнило, атрофирано, заробено, перверзно….

Се е перверзија – од денеска за утре! Се една завеса од малку погуст чад, зад која карваните и натаму врват! Ќе лавне по некое куче, ама толку бледо, немушто, што да е Тургењев жив, повторно ќе напише: “Не се обзирајте на првиот лавеж на селското куче!”.

Но, дали во нашето село има кучиња? Нема, ние сме село без кучиња!

Сега се мезиме, ја глодаме коската за Боки и Катица, а во селото минуваат карвани који никој не ги забележува! Барата е малку подзаматена, грабливците, предаторите ловат во матно, комотно и незабележано.
Дали некој веќе се сеќава на изјавата на Премиерот дека ќе ја сруши таа и таа пицерија под сенката на последнта гранка, потпрена на патериците од илјада вековен старец – чинарот во Охрид?

Не се сеќавате, нели? Е, тој кажа дека ќе ја сруши “и по цена на растуиреање на коалицијата со ДУИ во локалната самоуправа!” . Мојата немоќ се сведе само на следното: “Кога премиерот вели на локално, мисли на централно ниво!”.

Немоќта на режисерот, Александар Попоски, во својство на претседател на Драмската комисија на фестивалот “Охридско лето” се сведе на следното: “Кога јас ќе изустам “Диво месо” (мислејќи на Горан Стефаноски), вие Премиере ио вие Претседателе на државата, да слушате – дива градба!”

Ние, толку можеме да направеме. Се е друго на институциите, кои не постојат!

Сега се тема Боки, пензионерката на која Сиљан Мицески – Цилето и искеширал речиси милионче за “една добра идеја” (!?) што тој сакал да ја реализира во НЕГОВИТЕ (ова во бнуквална смисла!) Битола и Охрид.

Да, да, Сиљан е Битола, Сиљан е Охрид, Сиљан е Македонија!

Сиљан вели тоа се мои пари, платив данок на државата, моја е вољата како ќе ги трошам!

Зашто Сиљан го вели тоа, онака како што го вели? Затоа што нема институции, затоа што сме село без кучиња, веќе 3 децении наназад. А, ќе бидеме уште три – нанапред. Слушајте ги песимистите, oптимистите и така ви се во институциите што не постојат!

А, дали постојат оптимист, проценете сами?

Дали некогаш сте го прашале Сиљана (чии пари денеска “се негови!”) со чии пари, или –чии беа парите, со кои тој и пајташите, го купија богаството, бисерот на Охрид – брендот и комплексот од хотели и кампови – “Инекс-Горица”?

Може ли да се купи бренд? И да се преименува во “Инекс-Драгица”, или Олгица, или Петкана… како и да било?

Може ли да се купи една таква вредност, создавана со децении, со имотот на самите вработени, со позитивно салдо фирма, на начин што ќе го продадете хотелот на фирмата (нивни, вработените) во Цавтат, па уште и да ви останат пари? 

И тоа какви пари?Највалканите за тоа време, на Илија Павлов, балканскиот криминален бос!!!

Сега се тема, идеите на бабите тешки милиони (пак тој Сиљан!), ресортите за стари како мене, кои ќе ни ги градат (на куково лето!) Боки и Јасна.

Зашто не е тема старечкиот дом во Охрид, а е тема веќе две децении, далеку пред перверзиите на Боки Tredici? Како е можно една иста личност, или фирма (“Илинден” од Струга), една цела деценија да не влече за нос, да ја профанисува идејета за домот за стари лица, да склучува договори со општина Охрид, а да не гради, всушност, зад идејата за таков дом, да гради апартмани и хотели?

Кога ќе му се ќефне и како ќе му се ќефне! Идејета и правото да ги пренесува на друг, па да си ги враќа, па пак да ги пренесува!

Како е можно институциите (ако постојат не би било можно!) тоа да не го гледаат, објектите да растат, на свечени отворања да доагаат првите од државниот врв!?
Еј,луге – случајно ли е тоа?
Како е можно, 20 години да зборуваме за старечки дом, а еден од поранешните градоначалници на Охрид (разбира се од СДСМ!), старечките денови да ги минува во Битола, кај Сиљана Мицески – Цилето, поранешен градоначалник на Битола (разбира се од СДСМ!).

И како е можнно, човекот кој со калашников пукаше во СДСМ, на едни локални избори во Охрид (ова колку за потсетување на другар ми Коло Рилко, од СДСМ!), токму од градоначалник на СДСМ да се катапултира во успешен бизнисмен, сега коалициски партнер во чие заложништво е градската власт, а доколку Премиерот не ја сруши пицеријата “и по цена на локалната коалиција”, самиот ќе докаже дека под заложништво е и целата држава!

Како е можно, некој на седница на градскиот совет, да ги тепа другите советници ако гласаат поинаку од неговиот интерес (кај и да се свртите во градот името на неговата фирма е на тарабите зад кои никнат станови за пазар, како печурки после дожд!), пред очите на градоначалникот (разбира се од СДСМ!), а тој самиот на претстава на “Охридско лето”, да оди со тројца бодигарди!?

Како е можно, другарки и другари?

Како е можно, браќа и сестри?

Веле Митаноски

*Ставовите во категоријата Писма/Колумни се лични ставови на авторите, за кои редакцијата на WebOhrid не сноси никаква одговорност.