25/11/2024
Македонија

„Како макроекономските политики влијаат врз пристапот до здравствена заштита за жените, мајките и децата“

Во Р. Северна Македонија јавните расходи за здравство претставуваат 4,79 % од БДП што е за приближно 3 % помалку од земјите членки на Европската унија (ЕУ) и за 0.2% помалку од препорачаната стапка со Декларацијата од Абуџа (најмалку 5%). Јавните расходи за здравство во континуитет остануваат на речиси исто ниво секоја година без драстични промени. Односно вкупните јавни расходи за здравство претставуваат во просек 55% од вкупните расходи за здравство, што е за 22% помалку од просечниот износ на средства кој се обезбедува земјите членки на ЕУ и 13% помалку од просечниот износот во земјите со високо средно ниво на развој од регионот. Дополнително, во просек 34% од вкупните трошоци за здравство во РСМ претставуваат приватни трошоци на граѓаните за здравствени услуги.

Eкономски реформи кои се спроведуваат резултираат со евидентно забавен раст на расходите за финансирање на јавно здравствените услуги, висок диспаритет во алоцирањето на средства од државниот буџет помеѓу јавното здравство и останатите државни функции, високи приватни трошоци за здравство кои ги прават граѓаните и недоволно пружање на здравствени услуги низ јавните здравствени установи во државата.

Дека економските реформи негативно влијаат врз пристапот на граѓаните до јавно здравствени услуги говорат и здравствените индикатори кои покажуваат дека најмалку 100 илјади граѓани немаат пристап до една или повеќе основни здравствени услуги, а пак најмалку 40 илјади граѓани се соочуваат со значителни финансиски потешкотии заради лични трошоци кои ги прават при добивање на здравствена заштита. Иако граѓаните директно обезбедуваат најмногу средства во буџетот на државата, сепак тие граѓаните имаат ограничен пристап до основните јавни услуги и им е ускратена можноста да влијаат на распределбата на јавните средства, што пак резултира во неповолни здравствени исходи за населението. Освен тоа, здравствената состојба на населението не секогаш е во корелација со позитивните макроекономски трендови во земјата. Пример во периодот од 2012 до 2016 кога се забележува зголемена стапка на реален раст на БДП, стапката на морталитет на новороденчиња во земјата се зголеми од 7,6 на 1000 породувања на 11,9 и е скоро три пати поголема од просекот за земјите-членки на ЕУ. Во периодот 2011 – 2013 година, бројот на смртни случаи од малигни заболувања се зголеми од 3541 на 3640, и покрај фактот дека смртните случаи од голем број малигни заболувања може да се спречат кога се дијагностицираат во раните фази.

Несоодветното планирање на макроекономските политики директно влијае врз правото на остварување на здравствената заштита на жените по однос на репродуктивното здравје на жените, како и врз здравствената заштита на мајките и децата.

Програмата за скрининг на ракот на грлото на матката е од особено значење за здравјето на жените, бидејќи навременото откривање на овој вид на карцином овозможува навремено и соодветно лекување на истиот. Меѓутоа со средствата кои Министерството за здравство ги одвојува за оваа програма предвидува опфат на само околу 30% од жените од целната возрасна група (жени од 24 до 60 години). Дополнително на тоа Министерството за здравство во 2019 година го намали буџетот на оваа програма за 2,8 милиони денари. Воедно, поради недостиг на матични гинеколози, само 60% од жените имаат избрано матичен гинеколог. Сето тоа води кон тоа само 28% од жените да бидат опфатени со оваа програма за период од шест години (2012 – 2018 година).

Исто така се бележи несоодветност во планирањето и реализацијата на буџетот на Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата. Имено, иако усвоениот буџетот за оваа програма во 2018 година (17 милиони денари) беше зголемен за седум милиони денари за разлика од усвоениот буџет за 2017 година (10,5 милиони денари), со измените и дополнувањата во текот на годината повторно беше намален на 15 милиони денари. Несоодветноста во извршувањето на буџетот, може да се прикаже преку активноста за тироиден скрининг на новороденчиња, што претставува важен скрининг кој се врши кај секое живородено дете во државата. Во 2017 година Министерството за здравство исплатило средства за направени 25.000 скрининзи, иако во истата година има само 21.583 живородени деца. Од друга страна, за активноста Детектирање на метаболни болести, Универзитетската клиника за детски болести во 2017 година реализирала 6.836 скрининзи, а Министерството за здравство исплатило средства за само 2.000 скрининзи. Во однос на реализацијата на програмата исто така се забележани недоследности. Односно, иако во 2018 година се планирани 20 едукативни работилници во ромски и рурални средини за детско здравје, имунизација, здраво бременост, мајчинство и доење, не е спроведена ниту една едукација. Податоци од теренот од најранливите ромски населби, покажуваат дека само 13% од родителите на малолетни деца во изминатите три години добиле здравствено едукативен материјал за детско здравје, вакцинација и слични теми, иако овој вид на едукативен материјал е предвиден и реализиран според Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата.

Во моментот работата на патронажната служба не е уредена со ниту една програма и покрај тоа што оваа служба е од особена важност за здрава бременост и соодветно следење на здравјето на мајките и доенчињата. Поради непостоењето на единствен национален извор за опфатот со патронажни посети, многу е тешко да се процени во колкав степен мајките и децата се опфатени со оваа служба на национално ниво. Меѓутоа податоците од терен за опфатот на мајките и децата на дел од популацијата укажуваат дека само 41% од жените Ромки (од Шуто Оризари, Делчево и Виница) биле посетени од патронажна сестра за време на последната бременост во изминатите 3 години. Додека во ромските населби во Шуто Оризари 20% од новороденчињата не биле посетени од патронажна сестра.

Систематските прегледи на училишни деца се од особено значење за нивниот правилен раст и развој, особено за ранливите категории на деца. Со систематски прегледи се опфатени речиси сите деца кои посетуваат редовно образование, меѓутоа за особено ранливата категорија на деца, односно деца кои се неосигурани и се надвор од образовниот систем, потрошени се само 7% од средствата наменети за систематски прегледи на овие деца во 2018 година.