Камерниот оркестар на МММ вечерва пред публиката на „Охридско лето“
Во рамките на програмата на фестивалот „Охридско лето“ вечерва во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот, концерт ќе одржи Камерниот оркестар на музичката младина на Македонија „Саша Николовски-Ѓумар“
На програмата се композиции од Антонио Вивалди, Антон Аренски, Бела Барток, Астор Пјацола, Елен Блази и Едвард Григ. Солисти на вечерта ќе бидат виолинистите Ева Богоевска и Бојан Илкоски.
Камерниот оркестар на музичката младина на Македонија „Саша Николовски-Ѓумар“ е основан пред повеќе од 30 години, како прв сегмент на Летниот музички камп на Музичката младина на Македонија во 1986 година. Денес овој ансамбл претставува прв и единствен од ваков вид на просторите на југоисточна Европа. Составен е од студенти на Факултетот за музичка уметност од Скопје, но во него често може да се сретнат и млади музичари од други земји.
Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија со своето музицирање во сиот овој период се наметна како изведувачки состав со високи професионални квалитети. Диригенти и уметнички раководители на оркестарот биле значајни имиња од македонската музичка сцена како: Фимчо Муратовски, Горјан Коруновски, Саша Николовски-Ѓумар, Вања Николовски-Ѓумар, Мирослав Спасов, Борјан Цанев, Бисера Чадловска, Олег Кондратенко, но и познати странски диригенти како Арилд Ремерајт, Миша Кац, Џанлука Мартиненги и др.
Досега оркестарот има реализирано повеќе од 90 концерти, одлично прифатени од слушателите и критиката, а добитник е и на национални награди и признанија.
Љубителите на музичката уметност кои нема да бидат во можност да присуствуваат во црквата „Света Софија“ каде што ќе се одржи концертот, ќе може да уживаат во камерниот оркестар на МММ преку преносот на интернет. Лајв-стримингот ќе може да се следи и преку интернет-страницата на „Охридско лето“, како и на ФБ-страницата на фестивалот.