Кампања на МВР и РСБСП за поголема безбедност на патиштата
Министерството за внатрешни работи во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата денеска почна кампања „Летувај, не летај“ со цел поголема безбедност и намалување на жртвите во сообраќајот во периодот од летните одмори, кога фрекфенцијата на сообраќај по патиштата драстично се зголемува и кога, за жал, се случуваат голем број сообраќајни несреќи со трагичен епилог. Имено, минатогодишната статистика за јули и август покажува дека во Република Македонија се случиле 39 сообраќајни незгоди со жртви, во кои загинале вкупно 47 лица, а во 826 сообраќајни незгоди со потешки последици, повредени биле вкупно 1333 лица.
„Сите заедно мора да придонесеме за ред во сообраќајот , да се почитуваат сообраќајните правила и со тоа да придонесеме за намалување на бројот на сообраќајни несреќи и намалување на бројот на жртви“, рече министерот Спасовски во изјавата за медиумите на граничниот премин Табановце од каде почна оваа кампања.
Оваа кампања ќе се одвива во текот на јули и август. Едукативните материјали се изготвени и на англиски јазик, со цел покрај домашните возачи да бидат опфатени и туристите, како и возачите кои транзитираат низ Македонија. Притоа покрај посебни пунктови на граничните премини при влез во земјава, каде што ќе се врши дистрибуција на едукативно-информативните материјали, ќе биде поставено оштетено возило од сообраќајни незгоди на повеќе јавни места со пораки за потсетување на последиците од сообраќајните незгоди. Ќе бидат организирани мобилни пунктови за делење на едукативни материјали долж коридорите 8 и 10, а ќе бидат организирани едукативни акции и по угостителски објекти и многу други активности во насока на подигање на свеста за побезбеден сообраќај.