Катин: Кај и да одам секогаш се враќам во Охрид
Денеска во Националната установа „Григор Прличев“ во Охрид се одржа средба со новинарот, публицист, истражувач и преведувач Славе Николоски – Катин.
-Во овој свет на книгата имаме чест да се дружиме со еден исклучителен и познат автор – Македонец кој стапнал на сите континети и создал и запишал небројани трајни вредности како показ на нашето постоење, рече на отворањето на средбата директорката на библиотеката Гордана Змејковска.
– Славе Катин е голем вљубеник во својата родна Преспа во Македонија и македонскиот народ распрскан по светот, како и во Македонската православна црква – Охридска архиепископија, рече воведничарот Милчо Јованоски.
Катин е роден на 19 август 1941 година во Долна Преспа, во непосредна близина на старата населба Наколец.
Извесен период по неговото раѓање, семјеството се преселува во Љубојно. Таму Славе го минува поголемиот дел од детството, од младоста, а се навраќа во него скоро цел живот. Катин во Љубојно има библиотека со над 4.000 книги.
Двајцата промотори на животот и делото на Катин, неговите пријатели и долгогодишни соработници проф. д-р Томе Груевски и новинарот и публицист Свето Стефаноски се задржаа на ентузијазмот и неговата нескротлива и несопирлива енергија постојано да се биде на пат, меѓу луѓето и да се забележуваат нивните животни приказни, судбини, успеси, радости и таги.
Катин во творечки опус досега запишал 55 дела, во кои посебно внимание заслужуваат книгите: Македонците во САД и Канада (на македонски и англиски),Македонските православни цркви во Австралија, Канада и САД; Илинден 1903-2003 и македонските иселеници; Македонски холокауст; Македонскиот иселенички печат (на македонски);, како и делата Придонесот на Македонија во светската цивилизација; Од Панонија до Егеј, Во чест на св. Кирил и Методиј, 40 Поклоненија на гробот на Св. Кирил во Рим) и Ореолот на Дева Марија и Св. Богородица Сливничка во Преспа, (во коавсторство со академик д-р Антоније Шкокљев-Дончо и проф. д-р Вера Стојчевска-Антиќ), Македонците во античкиот период, Балканот и Македонија) (во коавсторство со академик д-р Антоније Шкокљев-Дончо и Ристо Стефов).
Славе Катин е автор на делата за големите македонските донатори од дијаспората, Атанас Близнаков (две изданија), Петар Стаматов (коавтор со проф. Методиј Трајковски) и Ѓорѓи-Џорџ Атанасоски (две изданија), од САД, на митрополитот Кирил, Георги Томов од Њујорк, Светле (Стив) Стамевски од Детроит, Андреа Бранов од Мелбурн, Семејството Јановски од Торонто, Бошко Рајчовски-Пелистерски од Флорида, Благоја Механџиски-Зегин од Скопје (на македонски и англиски), Есма Реџепова-Теодосиевска …
Тој е исто така познат со лексикографските изданија: Англиско-македонски лимнолошки лексикон, речниците за деца: Ајде да учиме македонски, англиски француски, германски, турски, албански, влашки и ромски.
Тој е добитник на најпрестижната награда „Крсте П. Мисирков“ на Здружението на новинарите на Македонија од областа на журналистиката.
Катин со часови и денови може да ни раскажува како тоа Охридското си го засакал како своето Преспанско Езеро, но и за дружбите на луќето во Хидробиолошкиот кои во тоа време беа столб на институцијата, научниците: Иван Чадо, Јорданка Серафимова – Хаџиште, Милчо Точко, Борис Оцески.
И уште една негова врска со Охрид, сега како центар на православието.
Како функционер на Владата на Република Македонија, Катин бил на посети и разговори кај поглаварите на Романската, Украинската, Руската и Српската православна црква, потоа во Цариградската патријаршија во Истанбил и Ватикан во Рим. Многу пати патувал со делегации на Македонската православна црква -Охридска архиепископија за Канада, Соединетите Американски Држави, Австралија, бројни европски земји, Турција и Израел.
Директорката на охридската библиотека Змејковска на Катин му врачи Благодарница со која тој стана и почесен член на библиотеката која е наследничка на свети Климентовата традиција и делото на поетот и преродбеник Прличев.