Ќе се модернизира граничниот премин Богородица со средства на ЕУ
Царинската управа преку Проектот за користење на средства од Програмата ИПА за прекугранична соработка помеѓу Република Македонија и Република Грција 2014-2020 година, ќе го модернизира граничниот премин Богородица.
Имено, со договорот за започнување на Проектот што беше потпишан на 2 Април 2018 година, финансиран од Европска Унија и кофинансиран од Владата на Република Македонија во износ од 442.500,00 евра, предвидено е до крајот на 2023 година да се извршат повеќе инфраструктурни зафати на ГП Богородица и ГП Дојран. Инфраструктурните зафати ќе овозможат создавање на современи услови за давање на поквалитетни услуги на премините, што за економските оператори, превозниците и патниците ќе значи олеснување и забрзување на движењето на стоките, како и создавање на дополнителни услови за контрола и заштита на граѓаните.
Поддршката на Европската унија, како и на Владата на Република Македонија, преку реализацијата на овој проект ќе даде голем придонес во олеснувањето и забрзувањето на царинските и граничните постапки и подобрување на прекуграничната соработка. Надградбата на објектите ќе ја зголеми пропусната моќ на преминот за стокови пратки, ќе го намали времето потребно за вршење на граничните формалности и ќе ја подобри инфраструктурата за примена на современи средства за инспекција.