Ќе се зајакнува институционалната соработка со ЕФСА
Во периодот од 5 до 6 декември 2017 година, директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, г-дин Зоран Атанасов, учествуваше на 66 состанок на мрежата на национални координатори на Европската агенција за безбедност на храна (ЕФСА).
Агендата на настанот опфаќаше теми поврзани со градење на капацитетите на надлежните органи во однос на проценка на ризик како и можности за спроведување на заеднички проекти, меѓународна соработка во областа на проценката на ризик, воспоставување и функционирање на база на податоци во која се содржани националните институции кои се инволвирани во процесот на проценка на ризик во различни области, комуникација итн.
Директорот Атанасов ја искористи оваа можност да оствари билатерални разговори со националните координатори на ЕФСА од други држави и да дискутираат во насока на воспоставување взаемна соработка со цел зајакнување на капацитетите на националните надлежни служби со цел постигнување ниво на ефикасност и стручност идентично како и земјите членки на Европската унија.
Интензивни контакти и разговори во однос на зајакнување и надградба на понатамошната соработка со Европската агенција за безбедност на храна, како и евентуално спроведување на заеднички проекти со земји членки на ЕУ и трети земји, ќе бидат еден од приоритетите на Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Македонија а со цел да овозможат надградба на сопствените капацитети во интерес на заштита на здравјето на луѓето и здравствената заштита на животните.
На 66от состанок на мрежата на национални координатори на ЕФСА учествуваше и проф. д-р Андреас Хенсел, претседател на Федералниот институт за проценка на ризик на Германија, со кој директорот Атанасов оствари билатерална средба.
На средбата дискутираа во однос на забрзување на процесот за воспоставување професионална соработка помеѓу Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Македонија и Федералниот институт за проценка на ризик на Германија. Со цел да се даде поддршка на Агенцијата за храна и ветеринарство за надградба на капацитетите за проценка на ризик, како и размена на искуства и најдобри пракси, директорот Атанасов и проф. д-р Хенсел, договорија експертски тим составен од претставници на Федералниот институт за проценка на ризик на Германија и на Европската агенција за безбедност на храна да дојде во посета на Агенцијата за храна и ветеринарство и да се воспостават основите за идна соработка од областа на проценката на ризик.