Кино на плажа и проекција на брод – во четврток почнува „Beach Film Festival” во Охрид
Гледање нови европски филмови под ѕвездите и шизење со одлична музика се’ до изгрејсонце на плажа во Охрид. Сето ова ќе се случува викендов што е пред нас, од 19- ти до 22- ри јули, на првото издание на “ Beach Film Festival”. Проекциите на филмовите ќе се одржуваат на плажата „Оревче“.
Првата фестивалска вечер во четврток ќе започне со проекција на хрватскиот филм, “Осмиот комесар” во 21 часот, на која ќе присуствува и режисерот на овој филм, Иван Салај. Филмот преставува екранизација на истоимениот роман на Ренато Баретиќ.
Кино на брод
Новитет на филмските фестивали, барем во Македонија, е тоа што на втората фестивалска вечер, во петок, на 20-ти јули, посетителите ќе можат да го гледаат данскиот филм “ Holiday” на бродот “ Галеб”, кој во 22 часот ќе тргне од Охрид и ќе плови кон плажата Оревче.
Во петок ќе бидат прикажани уште два филма од официјалната селекција: турскиот „Сакате да се измиете на дождот “ на режисерот Ѓултен Таранч со почеток во 21 часот и македонскиот „Копање“ од 22.30 на плажата Оревче.
Во сабота на 21.јули на плажата Оревче ќе биде прикажан филмот „Едерлези рајзинг“ на српскиот режисер Лазар Бодрожа.
Во недела, на ревијалната, последна вечер, ќе се прикажува филмот “Исцелител”, кој ќе ја има својата премиера пред охридската публика.
Во сабота, во просториите на филмската академија во Охрид со почеток во 10 часот ќе биде прикажан холандскиот игран филм за деца „ Малечкиот гангстер“ на режисерите Арне Тонен и Арент Џек.
На фестивалот ќе присуствуваат и многу гости од филмската индустрија, како на пример, Stoya, Лазар Бодрожа, Беверли Лавли, Артур Страхков.
Жири комисијата е составена од реномирани имиња од филмската индустрија: Јелена Јованова, Марјан Алчевски, Весна Дамчевска.
Цената на билетите ќе биде 150 денари.
„Фолтин“ за крај на “ Beach Film Festival”
После секоја проекција на филмовите, ќе следат настапи на македонски и интернационални изведувачи, како на пример: RIB, Cyrillic, Palindrom, DJ Klara Vedis, Sajsi MC, Foltin и други.
Предвидени се и дневни работилници за актерска игра за средношколци, за документарен филм, продукција, режија, како и работилница за актерска игра за деца од 11- 14 години.