22/11/2024
Македонија

Кирацовски: Над 60 пратеници дадоа поддршка за кандидатурата на Стево

Прес конференција, Александар Кирацовски, генерален секретар на СДСМ и пратеник
Собрание на РСМ,

Почитувани граѓани, почитувани новинари,
Со задоволство ја информираме јавноста дека над 60 пратеници со својот потпис дадоа поддршка на кандидатурата на Стево Пендаровски за претседател на државата.

Пратеници од различни етнички заедници, од различни политички партии, обединети се околу заедничкиот избор за победа, за напредок, за иднина.

Стево е нашиот избор затоа што веруваме дека е личност со интегритет, кој ќе биде вистински претседател на сите граѓани. Кој ќе се води од интересите на граѓаните и државата.

Пратениците многу добро знаат колку е значаен изборот на претседател за државата, за граѓаните и за Собранието.
На Република Северна Македонија не и е потребен нов Иванов.

На граѓаните не им е потребен уште еден партиски послушник, кој е подготвен да делува спротивно на интересот на државата, да не почитува Устав, работејќи само во името на партијата и партискиот шеф, како што ни се случуваше во последните 10 години.

На државата, на граѓаните потребен им е претседател кој влева доверба и сигурност, претседател кој гледа напред, работи заедно со сите прогресивни и демократски сили, ја води земјата кон ЕУ и НАТО.

Стево е тој. Стево е кандидат за вистински претедател.

Сега кога се решени најкрупните прашања кои со децении не влечеа надолу, нема запирање, време е за нови потфати.
Преземаме обврска, овој полет да го искористиме и заедно да го обезбедиме до крај она за што се бориме: подобар живот за сите граѓани, ратстечка и силна економија, напредок, повеќе пари кај граѓаните.

Почитувани,
Покрај тоа што законскиот услов за кандидатурата на Пендаровски е исполнета со потписите на народните избраници, отвораме можност и граѓаните непосредно да застанат зад кандидатурата на Стево за претседател.
Ги покануваме граѓаните кои сакаат да дадат директна поддршка на кандидатурата на Стево, нашиот заеднички кандидат, од утре, да се приклучат, да го сторат тоа со својот личен потпис во подрачните единици на ДИК низ државата.

Одиме заедно со Стево, партии, пратеници, граѓани, сите заедно.
Одиме во нова победа, за граѓаните, и за нашата држава.