25/11/2024
Македонија

Кирацовски: Жените се потребни за целосен напредок во општеството

„Од овој плоштад заеднички испраќаме порака дека Македонија се промени и стана едно општество на еднакви граѓани и граѓанки“, порача генералниот секретар на СДСМ Александар Кирацовски во обраќањето на Осмомартовскиот марш во организација на Форумот на жени на СДСМ.

„Заедно со вас во овие изминати месеци макотрпно работиме на заштита и унапредување на правата на жените коишто во минатото биле и кршени и погазувани. Како владејачка партија остануваме силно посветени на вистинска заштита и унапредување на човековите права и правата на жените и продолжуваме со спроведување на мерките што обезбедуваат квалитетен живот и за жените и за сите граѓани на Македонија. 

Создаваме општество коешто никогаш нема да посегнува по правата на жените, и никогаш нема да ја ограничи слободата на жената. Жените се битен дел од тој процес и ниту смее, ниту може да биде поинаку.“ порача Кирацовски.

Во своето обраќање, Кирацовски повика на вклученост на сите во процесот на создавање современо, развојно и еднакво општество за сите.

„Денес кога пред нас е привилегијата и обврската за исполнување на се она што сме го ветиле, во целост се потпираме на вашето знаење, на вашето умеење, на вашата смиреност, на вашата храброст и одважност во борбата за добар живот за сите. Македонија ќе биде еднакво, просперитетно и модерно општество само ако сите заедно работиме и се помагаме меѓу себе. Праќаме порака со којашто сакаме да ги обединиме сите граѓани и граѓанки во Република Македонија, да се приклучат на страната на прогресот, на слободата и демократијата, бидејќи само преку сплотеност, преку цврсто граѓанско единство, преку користење на заеднички ресурси ќе создадеме современо, развојно и модерно општество“, порача генералниот секретар Александар Кирацовски на Маршот во чест на 8. март, организиран од Форумот на жени на СДСМ, во Куманово.