Кластерската анализа покажа дека сите нови случаи се врзани со некаква форма на собир и прослава во периодот 24-ти и 25-ти мај
Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче, претседателот на Комисијата за заразни болести, прим. д-р Жарко Караџовски и директорот на Центарот за јавно здравје, д-р Арбен Зибери, денеска одржаа заедничка прес-конференција на која информираа за состојбата со коронавирусот КОВИД-19 во Република Северна Македонија.
„Во изминатите денови, практично, цела измината недела, се направи таргетирано тестирање – скрининг на контакти на заболени. Екипите на Центрите за јавно здравје интензивно работеа на терен во кризните региони и бројката која ја гледаме овие неколку дена е резултат на тоа. Ова беше сосема очекувано и ние тоа го најавивме. Таквото тестирање беше рана дијагностика и навремена изолација на контактите на лицата кои се носители на вирусот во рамки на познатите кластери. Се покажа дека најголем број од заболените се всушност заболени на семејни и други собири, па со ваквата стратегиja практично ги изолиравме сите контакти на заболените, кои се без симптоми. Полицискиот час за викендов дозволи многу полесен пристап и брзо тестирање на сите контакти што претходно беше многу отежнато во последните денови. Позитивно е што покрај првичниот отпор кај дел од контактите сега веќе имаме подобра соработка и успеваме полесно да пристапиме и тестираме. Апелирам уште еднаш граѓаните максимално коректно да соработуваат со епидемиолозите и да даваат точни податоци. Огромен процент од дијагностицираните случаи се со лесна клиничка слика или се асимптоматски и од вкупниот број, само осум пациенти се на механичка вентилација“, потенцираше министерот Филипче и додаде дека околу 65 проценти од активните позитивни случаи во Скопје се поврзани со познат случај, а од нив 90 проценти припаѓаат во 41 кластер. Слична е состојбата и во другите три кризни региони, каде најголем процент од заболените и тие се од рамките на истите кластери.
Според Филипче, кластерската анализа покажа дека речиси сите нови случаи се врзани со некаква форма на собир, прослава во период на 24-ти и 25-ти мај, односно точно пред две недели, а на што укажа деталната анализа во епидемиолошките прашалници.
Тој изјави дека во периодот кој следи, Комисијата ќе предложи до Владата, а во текот на утрешната седница ќе се дискутира за евентуална рестрикција на движењето.
„Успеавме добро да го амортизираме првиот бран и многу побезболно да ја ставиме епидемијата под контрола“, оцени министерот за здравство Филипче.
Претседателот на Комисијата за заразни болести, прим д-р Жарко Караџовски истакна дека просечната возраст на заболените луѓе во државата изнесува 44,8 години, меѓутоа највисока инциденца во моментот има на возрасна група од 50 – 59 години.
„Во однос на стандардната епидемиолошка крива, на 25-ти мај бројката покажуваше 16 случаи. Тогаш предложивме олабавување на мерките. Она што се случи после 26-ти мај исклучиво согласно епидемиолошките анкети што досега сме ги направиле се должи на тотално непочитување на одредени превентивни мерки, кои ги дадовме како препорака од Комисијата за заразни болести и министерот за здравство, а тоа се: носење заштитна маска, спречување на групирање на повеќе од 2 лица, што ни се удри како бумеранг заради непочитување на мерките за време на верскиот празник Рамазан Бајрам и ифтарските вечери, кои се случуваа во тој период. Вториот бран ни се појави сега, и доколку можам епидемиолошки да се изразам, вториот бран од 26-ти наваму може да се направи транслација кога би го помрднале во лево, дека тој ќе се поклопи или речиси ќе се поклопи со бројот на заболени во април месец. Значи дојдовме до една состојба кога цела Европа ги попушташе мерките и нашите околни држави, го направивме тоа и ние, очекувајќи дека мерките ќе се почитуваат. Меѓутоа за некои работи крајно сум разочаран од непочитување на овие мерки“, потенцираше прим. д-р Караџовски.
За бројот на тестирани и процент на позитивни, тој изјави дека ништо не е променето во стратегијата поради оценувањата дека нешто се менува во стратегијата и бројот на тестирани.
„Ние последните седум дена направивме големи напори, лабораториите ги „растегнавме“ до крајни граници да може да работиме повеќе од илјада или околу илјада тестови дневно. Меѓутоа добивме и неколку лаборатории на припомош: Центарот за јавно здравје-Скопје, МАНУ, Судска медицина, како и останатите кои изминатиот период драгоцено ни дадоа помош за да спроведеме едно поголемо тестирање. Тестирањето покажа дека што повеќе тестираме, имаме и поголем број позитивни, меѓутоа, процентот на овие позитивни се движи меѓу 3,1 / 7,9 / 14,2 / 13 и 15 проценти“, истакна прим. д-р Караџовски, кој додаде дека Комисијата за заразни болести усвојува свои протоколи и ги дава на министерот за здравство за усвојување на седница на Владата.
„Ние не сме Влада на државата, ние не сме луѓе кои сме директно инволвирани во донесување на одлука. Главниот кризен штаб на оваа држава ги донесува одлуките. Ве молам да ги почитуваме мерките, само со доследно почитување на овие мерки можеме да „испливаме од оваа вода“. Ве молиме, да не дозволуваме самите себе да си пресудуваме во моменти кога цела Европа и цел свет ги намалува сите мерки, а ние да воведуваме нови рестрикции. Верувам дека 20 проценти од населението се уште не нè сфаќа озбилно, ниту нас, ниту болеста. Само тие што не биле на Инфективна клиника не знаат која е таа мачна атмосфера. Не е сеедно да гледате како умираат луѓе. Воопшто не е сеедно, да донесувате мерки кои се рестриктивни како за мене, така за мојата фамилија. Меѓутоа, и на нашите најблиски. Дајте да сфатиме дека мерката за носење заштитна опрема, дистанца од два метра е основата во цел свет. Никаде ништо се нема променето во овие мерки. Дајте да се здружиме сите заеднички. И партии, и политика, и било кои други работи да ги тргнеме на страна. Оставете ги пишувањата против Комисијата, ние сме најголемите професионалци во државата“, истакна д-р Караџовски.
Директорот на Центарот за јавно здравје – Скопје, д-р Арбен Зибери информираше дека бројката на активни случаи е 658 пациенти, додека на оздравени е 569 пациенти.
„Во моментов во Скопје, имаме активни случаи во Чаир – 169, Бутел – 63, Гази Баба – 61, Аеродром – 57, Сарај – 56, Карпош – 45, Кисела Вода – 35, Арачиново – 23, Студеничани – 19, Илинден – 18, Ѓорче Петров – 20, Шуто Оризари – 17, Петровец – 6, Чучер Сандево – 3, Сопиште – 2 и Општина Зелениково досега нема ниту еден регистриран случај. 60 проценти, односно 390 од вкупниот број на активни позитивни случаи се поврзани со веќе познати позитивни случаи. Тие се асимптоматски што е многу важно и затоа треба сите да бидеме претпазливи, затоа што во последниве денови имаме многу такви случаи кои што се асимптоматски и кои што може полесно да ја шират болеста. Триесет и пет проценти, односно 210 од вкупната бројка на активни позитивни случаи во Скопје не се поврзани со веќе познати позитивни случаи, но јас би рекол дека оваа бројка е уште помала кога зборуваме со нашите епидемиолози и ги анализираме случаите. Од вкупниот број на активни позитивни случаи во Скопје, 41 се кластери. Деведесет проценти од вкупниот број на активни случаи припаѓаат на кластерите. Ова е доказ дека нашите епидемиолози на територијата на град Скопје ја имаат состојбата под контрола. Точно знаеме од кај се овие новодијагностицрани пациенти, последниве денови“, рече д-р Зибери.
Тој информираше дека екипите на Центарот за јавно здравје – Скопје, од почеток на оваа пандемија на КОВИД-19 во нашата земја од втори јуни има земено повеќе од 8.000 бриса за тестирања во домашни услови на заболени и контакти, во пунктовите на поликлиниките и познатите пунктови во Скопје, како што се во поликлиниките; „Ченто“, „Јане Сандански“, „Идадија“ и во „Чаир“.
Тој упати апел да се почитуваат мерките, да се држи физичка дистанца, да се носи заштитна маска и луѓето да не се групираат, затоа што со секое непочитување на мерките може само да се одолговлечи оваа пандемија.