Клуб на млади лекари: Најавениот проект за вработување на млади лекари е од особена важност да успее
Клубот на млади лекари испрати соопштение во врска со последната новина во низата промени за повисок стандард и подобри услови на здравствените работници во земјава, кој што деновиве го најави министерот за здравство д-р Венко Филипче. Соопштението го пренесуваме во целост:
Проектот кој го најави Министерството за Здравство за самошто дипломираните млади лекари, е проект кој ќе користи доста средства од буџетот за здравство. Поради тоа, мислиме дека успехот е од голема важност не само за нас, туку и за иднината на односите со централната власт. Затоа е од посебна важност овој проект да успее. И за да успее мислиме дека треба да се посвети повеќе време во фазата на спремање и анализирање на моделот. Имено, треба да се внимава на повеќе точки, меѓу кои:
- Колку ќе биде загарантирано вработувањето на новодипломираните лекари, доколку се пријавуваат на истиот конкурс и постари лекари од претходните генерации, кои се невработени или планираат да започнат специјализација, имајќи предвид дека овој стаж ќе биде услов за специјализација.
- Да се изготви анализа со потребите и проблемите во консултација со сите засегнати страни, како институции, граѓански сектор, корисници на јавно-здравствените услуги.
- Да се определат стриктни критериуми за распоредот на младите лекари по здравствените домови низ државата.
- Да се проучи можноста за таков шест-месечен стаж да се одржи таму каде има основ истиот да се претвори во трајно вработување, за младите да вложат поголем труд и да не гледаат на тоа само како задолжителна пракса.
- Да се консултира академскиот кадар на државата за правецот во кој треба да се фокусира проектот за да има перспектива и да не се гледа само како привремено ублажување на нетрпението на младите лекари.
- Да се процени колку ова, дополнително додавање на услов за специјализација, ќе го одложи создавањето на нови специјалисти кои и така се во дефицит поради постојаното заминување на македонските лекари во странство.
- Дали младите лекари на стаж ќе добијат личен профил во Мој Термин и дали ќе користат сопствен факсимил или ќе прегледуваат и пишуваат извештаи и терапија во име на специјалист?
- Каква услуга ќе добијат пациентите од штотуку дипломираните млади лекари и која ќе биде нивната одговорност?
- Кој ќе ја оценува работата на младите лекари?
- Како оваа мерка ќе го спречи партиското влијание при вработувањето?
Овој проект треба да води кон подобри услови како за младите лекари така и за пациентите. Затоа, потребно е попрофесионално и подетално анализирање на изградбата на моделот за овој проект, пред неговиот успех да се вети со сигурност и бараме да бидеме вклучени во креирањето на истиот.