Која го понижи делото на Св. Климент Охридски со плагијаторство?
Повеќе од 1100 години по формирањето на Охридската книжевна школа, дочекавме делото на Св. Климент Охридски да биде бесрамно понижено со плагијаторство. И тоа не може да се премолчи, затоа што доаѓа од универзитетот што го носи името на сесловенките просветители, „Св. Кирил и Методиј“. Оној универзитет што во нашата Македонија треба да го продолжи делото на таа Школа, на првиот универзитет во Европа. На големиот празник во чест на словенскиот учител, и неговото дело, и имињата на сесловенските просветители беа извалкани со нешто што ѝ нанесува срам и на Македонија пред светот.
Уште се прашуваме која го понижи делото на Св. Климент Охридски со плагијаторство? Дали ректорката на Универзитетот, Биљана Ангелова или директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура на Универзитетот, Кристина Николовска? Наместо за празникот да настапат со излагања и со дела кои би покажале дека сме достојни да сме негови следбеници, на голем ден ни се случи плагијат.
Најпрво настапи ректорката, на свечената академија организирана традиционално од Македонската православна црква – Охридска архиепископија во предвечерјето на празникот, а еден ден потоа, директорката на Меѓународниот семинар, со послание до македонистите и славистите во светот испратено преку Фејсбук во вечерните празнични часови. Ако во исто време се слуша обраќањето на ректорката и се чита она што е објавено од директорката, одма се сфаќа дека станува збор за ист текст, како од ист автор. Првиот дел и на двата текста е целосно ист, со истите фрази и истите реченици, дури и без некое прилагодување. Сменет е само завршниот збор. За потоа другиот дел на обраќањето на директорката малку да се прилагоди, во скратена форма, повторно со истите зборови, со истите цитати и повикувања, дури и со исти реченици во кои повторно е заменет само еден збор. И јасно е дека текстот на директорката е само скратена, прилагодена верзија на текстот на ректорката. Во средоновековието, тоа се нарекувало препис, а кога се случува денес се нарекува плагијат и е строго забрането.
Некој што плагијатирал, во некои средини, веќе и не може ни да се смета за автор, да предава или да објавува. За плагијат се одговара на столбот на срамот. Со оваа постапка, понижувајќи го делото на Св. Климент Охридски со „легален“ плагијат што како „послание“ го испрати во светот, универзитетот, на столбот на срамот нè изложи и нас, како луѓе, како православни христијани и како Македонци. Зарем мислеше дека ние нема да препознаеме дека ова е напишано со плагијаторска рака што го сквернави и зборот „послание“ покрај Светиклиментовото дело? Во време кога Бугарите сакаат да го присвојат Св. Климент Охридски само за свој и нè обвинуваат дека фалсификуваме, кога грчевито се бориме да кажеме дека во нашиот ген е и Светиклементовата традиција, универзитетот се дрзна преку Фејсбук на светот од Македонија да му биде испратен плагијат.
Што му порачаа така на светот, каков впечаток оставија? Дека Св. Климент Охридски толку не ни е важен или барем не им е важен ним што не се потрудија ни да напишат нешто оригинално и свое и да ги истакнат фактите на кои сме горди, како традиција и континуитет?! Дека за оној што сиот живот го посвети на ука и слово не можеле да издвојат време за да подготват одделни достојни обраќања, туку имаа само исти флоскулни зборови?! Дека можеби некој не знаел што да каже и напише, па морало да се препишува?! Дека се обраќаат само затоа што протоколот на празникот тоа го наложува, а не затоа што чувствуваат потреба и обврска?! Свесни ли се дека понесуваат одговорност со тоа што се на денешна школа чии патрони се светите Кирил и Методиј?
Мнозина академици, професори и политичари се обраќале за ликот на Св. Климент Охридски, но никој досега не си дозволи да го приреди ова и да настапи со плагијат. Иако сега не знаеме кој е авторот, а кој е плагијаторот, затоа што верзиите доаѓаат од ист извор, но по редоследот на нештата логично е плагијаторот да е оној што го потпишал второобјавениот текст. Или ниту еден, ниту друг, туку некој им ги пишувал двата текста, колку да го исперат образот дека нешто направиле и кажале на денот, а наместо тоа го зацрни?
Се исмеваме кога политичари си копираат говори едни на други, правиме хумор од нивното повторување исти зборови. Ама кога плагијаторството доаѓа од универзитет, и кога со него се понижува епохално дело и се фрла црна дамка врз неговата светлина, нема хумор. Ако вака е во говорите и обраќањата, што останува за другото?! Срамно и жално е, не само за нив, туку и за нас, бидејќи кога ваков чин приредува универзитет е понижување и за славното средновековие, и за нашата историја и за сите нас во чиј ген е Светиклиментовата традиција. Ќе се засрамат ли по ваквиот чин? Која е неговата цел и има ли цел, тие знаат, но ние и се запрашуваме дали за некој што може да го сквернави делото Светиклиментово, вооопшто има нешто свето. Каде нè води ваквиот однос во вакви тешки времиња од оние што би требало да нè водат кон ука и просвелтение?
Гревот, веќе е сторен и времето не може да се врати. Сега можеби и ни се смеат сите оние од надвор што го увидоа плагијатот. Но, универзитетот нека не заборава на одговорноста што ја има кон темелите, кон Охридската книжевна школа, со делата што се очекуваат, и нека не ги погани делата на своите патрони и на нивните ученици и следбеници.
Група „Православна Македонија“
*Ставовите во категоријата Писма/Колумни се лични ставови на авторите, за кои редакцијата на WebOhrid не сноси никаква одговорност.