27/11/2024
Македонија

Колев: Некој треба да преземе одговорност заради неисплатените мартовски плати на вработените во Институтот за јавно здравје

Претседателот на Граѓанско Демократската Унија – ГДУ, Петар Колев во соопштение до медиумите ја изрази својата загриженост поради неисплатените мартовски плати на вработените во Институтот за јавно здравје.

„Со неверување и огромно разочарување ја прочитав објавена вест дека епидемиолозите кои се први во борбата против корона вирусот, микробиолозите кои деноноќно работат и прават тестирања на граѓаните, како и сите други вработени во Институтот за јавно здравје – што е клучна институтција во справувањето со здравствената криза, сѐ уште не зеле плата за месец март.

Изгледа тоа доцнење од цел еден месец не е некаков поголем проблем за лидерите на двете најбогати политички партии во Европа, бидејќи нивните мисли се преокупирани со друго, а имено спроведување на брзи избори во лето.

Додека Институтот за јавно здравје и Министерството за здравство ги усогласуваат колективните договори, некои запнаа дека е време за избори. До тука ли ја дотуркавме? Додека секој ден броиме новозаболени и починати од вирусот, на „богатите“ партии и нивните лидери им текна дека наместо заедно во борбата, треба да се поделиме повторно на непријателски кампови, подготвени на сѐ за да добијат власт и функции! Срамно е ова однесување и срамна е ова неодговорност. Истата ќе не однесе во самоуништување.

Овие 200 луѓе вработени во Институтот и покрај фактот што се на првата борбена линија во борбата со Ковид-19, не само што не добиле бонуси како своите колеги од блиското соседство (Бугарија, Србија, Албанија, Грција), досега не ги земале и своите редовни плати за месецот март.

Некој треба да преземе одговорност заради оваа криминална неангажираност во однос на егзистенцијата на овие луѓе кои херојски работат деноноќно за да нѐ одбранат од ова невидливо зло – коронавирусот.

Барам што можно најбрзо решавање на овој проблем без ниту еден ден одлагање, затоа што, тие луѓе не заслужиле да станат жртва на неодговорноста на власта. Одговорните за оваа срамна ситуација треба веднаш да бидат санкционирани, бидејќи само така државата ќе покаже дека навистина е држава а не детска градинка, во која секој прави или не прави тоа што самиот ќе го посака.“ – истакна Колев.