22/11/2024
Македонија

Комеморација по повод 75 годишнината од Холокаустот на македонските Евреи: Никогаш да не се заборави

Премиерот Зоран Заев, во име на Владата на Република Македонија, денеска зеде учество во активностите во рамките на комеморацијата по повод 75 годишнината од Холокаустот на македонските Евреи, во организација на Еврејската заедница во Република Македонија.

Претседателот на Владата Заев, заедно со неговите гости, и гости на Еврејската заедница во Република Македонија, премиерот на Република Бугарија Бојко Борисов, претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина Денис Звиздиќ, потпретседателот на Владата на Романија Ана Бирчал и министерот за надворешни работи на Република Полска, Јацек Чапутович, како и други високи гости од земјата и странство, на почетокот од програмата на комеморацијата учествуваа во Маршот на живите од локацијата на поранешната железничка станица во Скопје со некогашниот Монопол кој во 1943 година беше собирен центар за депортација во логорот на смртта во Треблинка.

На спомен обележјето во чест на депортираните Евреи од Македонија во дворот на некогашниот Тутунски комбинат Скопје со пригодни говори се обратија Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран заев, Претседателот на Владата на Република Бугарија Бојко Борисов и Претседателката на Еврејската заедница во Република Македонија Берта Романо-Николиќ.

Во своето обраќање, премиерот Заев истакна дека со оваа комеморација оддаваме почит, се сеќаваме и одбележуваме 75 години од деновите кога 7 144 Евреи од Скопје, Битола и Штип, но и од цела Македонија беа собрани во просториите на тогашниот монопол, и испратени на еден пат од кој никогаш не се вратија.

„Нивниот најголем „престап“ беше нивното постоење, нивната култура, нивната традиција, нивната заедница. За тоа беа казнети со најдраконската казна и предвреме оттргнати од своите најблиски, од својата земја, од своите животи. Геноцидот над Евреите во Втората светска војна беше борба на деструктивни и анти-цивилизациски сили против сета добрина и љубов, против пријателството и човештвото. Холокаустот беше борба против луѓето, слободата и нашето заедништво“, рече премиерот Заев во своето обраќање.

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев нагласи дека „нашите сограѓани, Евреите, беа книги на нашето заедничко постоење, испишани со години и векови на историја и традиција, борба и пркос за подобро утре за сите коишто живеат и живееја на овие простори“.

„Нашата сплотеност во осудувањето и сеќавањето на депортацијата на нашите сограѓани во логорот на смртта Треблинка е повеќе од само симболична. Денес ги повторуваме лекциите од минатото, за уште посилно да си го осветлиме патоказот за иднината којшто заеднички го избравме. Омразата не е наш избор. Прифаќањето на различностите, љубовта кон ближниот, но и почитта кон другиот, поддршката, соработката и пријателството се вредностите коишто ги прифаќаме со нашите мисли и срца, а ги чуваме со нашите дела. Никогаш да не заборавиме што се случи тука, пред 75 години. Историјата се повторува само за оние коишто стануваат слепи за минатото. Ние нема да бидеме слепи и ќе продолжиме да се сеќаваме. За никогаш да не се повтори“, истакна премиерот Заев во своето обраќање на комеморацијата по повод 75 годишнината од депортацијата на Евреите од Македонија во логорите на смртта.

Бојко Борисов, претседател на Владата на Република Бугарија, во своето обраќање потенцираше дека „масовната егзекуција на невини луѓе за време на Втората светска војна е едно од најтешките злосторства во човечката историја“
Во својот говор тој потсети дека одговорност за одлуката за депортацијата на Евреите од Македонија во Треблинка е одлука на тогашниот генерал на нацистичка Германија Хајнрих Химлер и на германскиот амбасадор во Софија Адолф Бекерле.

„Ние чувствуваме длабока болка и жал поради тоа што не можевме да ја спречиме смртта на тие луѓе. Денес ние сме должни да не ја заборавиме трагичната судбина на жртвите на холокаустот и за бидеме сигурни дека вакви настани никогаш повеќе нема да се повторат“, истакна во своето обраќање премиерот Борисов.

Претседателката на Еврејската заедница во Република Македонија Берта Романо-Николиќ, во обраќањето по повод сеќавањето за Холокаустот на Евреите од Македонија нагласи дека геноцидот на цел еден народ во Втората светска војна останува општо мерило за тоа што може да предизвика злото што се крие во човекот.

„Без сеќавање нема иднина, во име на иднината проштеваме, но не забораваме зашто и страдањата на тие луѓе се наша одговорност“, рече во своето обраќање по повод 75 годишнината од овој трагичен настан Претседателката на Еврејската заедница во Република Македонија Берта Романо-Николиќ.

Комеморацијата по повод 75 годишнината од Холокаустот на Евреите од Македонија заврши со молитвите Ашкава и Кадиш, и со полагање венци со свежо цвеќе на спомен обележјето во некогашниот монопол во Скопје.

Во целост обраќањето на премиерот Зоран Заев:

„Ми претставува чест и голема одговорност да ви се обратам денес од ова место, првенствено како граѓанин на Република Македонија. Пред 75 години, овој простор беше искористен за едно големо злосторство врз наши сограѓани. Денес, 75 години подоцна, се собравме да се сетиме на оние коишто животите ги изгубија во виорот на едно лудачко време.

Се сеќаваме и одбележуваме 75 години од деновите кога 7 144 Евреи од Скопје, Битола и Штип, но и од цела Македонија беа собрани тука, во просториите на тогашниот Монопол, и испратени на еден пат од кој никогаш не се вратија. Нивниот најголем „престап“ беше нивното постоење, нивната култура, нивната традиција, нивната заедница. За тоа беа казнети со најдраконската казна и предвреме оттргнати од своите најблиски, од својата земја, од своите животи.

Геноцидот над Евреите во Втората светска војна беше борба на деструктивни и анти-цивилизациски сили против сета добрина и љубов, против пријателството и човештвото. Холокаустот беше борба против луѓето, слободата и нашето заедништво. „Таму каде што горат книги, ќе горат и луѓе еден ден“ е цитат од драмата Алмансор на Хајнрих Хајн, едно од делата изгорено во Берлин од страна на нацистите.

Нашите сограѓани, Евреите, беа книги на нашето заедничко постоење, испишани со години и векови на историја и традиција, борба и пркос за подобро утре за сите коишто живеат и живееја на овие простори. Оние коишто успееја да го избегнат крволочното лудило оставија неверојатен траг во нашата заедничка историја. Естреја Овадија – Мара, Соломон и Самуел Садикарио, Бено Исак Русо, Мориц Романо се само неколку од нив.

Денес, би сакал да им се заблагодарам на Еврејската заедница на Република Македонија и Фондот на Холокаустот од Македонија, коишто овозможуваат да се сеќаваме и да ја паметиме историјата и културата на нашите сограѓани, нивните предци. Вашата заложба ја прави Македонија побогата и граѓаните на Македонија ви се благодарни за тоа.

Нашата сплотеност во осудувањето и сеќавањето на депортацијата на нашите сограѓани во логорот на смртта Треблинка е повеќе од само симболична. Денес ги повторуваме лекциите од минатото, за уште посилно да си го осветлиме патоказот за иднината којшто заеднички го избравме. Омразата не е наш избор. Прифаќањето на различностите, љубовта кон ближниот, но и почитта кон другиот, поддршката, соработката и пријателството се вредностите коишто ги прифаќаме со нашите мисли и срца, а ги чуваме со нашите дела.

Никогаш да не заборавиме што се случи тука, пред 75 години. Историјата се повторува само за оние коишто стануваат слепи за минатото. Ние нема да бидеме слепи и ќе продолжиме да се сеќаваме. За никогаш да не се повтори.
За оние коишто ни беа прерано одземени, 
Од оние коишто нема да заборават, 
Кон оние коишто допрва доаѓаат,

Слава им!“