Комеморативна церемонија по повод 27 јануари – Меѓународниот ден на сеќавање на Холокаустот
Министерката за образование и наука д-р Рената Дескоска, денеска присуствуваше на Комеморативната церемонија по повод 27 јануари – Меѓународниот ден на сеќавање на Холокаустот, при што истакна дека во чест и спомен на жртвите, за прв пат во нашата држава е отворена изложбата “Изгубениот свет на сефардските Евреи од Западниот Балкан”. IMG 8675
Република Македонија, водејќи се од трајната заложба и обврска Холокаустот да не биде заборавен, да извлечеме поуки за нас и, особено, за младите генерации, посветено и во континуитет презема бројни активности на домашен и меѓународен план. Во овие рамки од особена важност улогата на Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија кој заслужува големо признание за неговиот неуморен ангажман во реализацијата на бројни активности и проекти, потенцираше Дескоска, напоменувајќи дека со цел Холокаустот и слични настани никогаш повеќе да не се повторат, се вложуваат напори за унапредување на познавањата и надградба на сите општествено одговорни фактори, особено на младите генерации и просветните работници, со сите историски и современи аспекти кои се однесуваат на овој, најтрагичен настан од поновата историја на човештвото.
Нашиот ангажман, додаде таа, покрај Холокаустот, секако ги вклучува и борбата против анти-семитизмот, негирањето и искривоколчувањето на Холокаустот, дискриминација по многу основи, говорот на омраза и другите форми на кршење на човековите права кои, за жал, се почесто се присутни во Европа и пошироко.
Министерката Дескоска, потенцираше дека токму од овие причини, фокусот на нашите заложби го ставаме на младите и темите на сеќавањето и одбележувањето на најзначајните датуми, образованието и истражувањето, посочувајќи дека се преведени поголем број од основните документи на Меѓународната алијанса за сеќавање на Холокаустот кои се однесуваат на образовниот процес како на пр. “Зошто да се учи за Холокаустот”, “Што да се учи за Холокаустот”, “Како да се учи за Холокаустот” и др. кои, преку Бирото за развој на образованието се во процес на доставување до образовните институции во државата.
Исто така, го поддржавме проектот на Младинскиот образовен форум “Ана Франк – историја за денешнината” чија што изложба, по нејзината инаугурација во министерството за надворешни работи, досега помина низ бројни училишта и културни центри во повеќе градови на нашата држава и која ја виделе преку 14.000 посетители од кои 12.000 ученици и проектот “Холокаустот низ призмата на детските очи” кој успешно се реализира веќе неколку години наназад; наменет е за ученици од основните училишта и опфаќа ликовни, литературни, видео и други содржини.
Од активностите на меѓународен план, кои ги презема Министерството за образование и наука, покрај нашиот ангажман во рамките на Меѓународната алијанса за сеќавање на Холокаустот, Дескоска ги потенцираше двата едукативни семинари од областа на Холокаустот со учество на професори и наставници по историја од Република Македонија, Бугарија и Грција.
Во годинава која е пред нас, рече Дескока, Република Македонија се подготвува да одбележи еден мошне важен и трагичен датум од нејзината историја – 75 годишнината од депортацијата на 7.114 Евреи од Македонија во логорот на смртта – Треблинка.
„Дозволете ми да споделам една мисла на Ели Визел, човекот кој го преживеал Холокаустот и светски познат писател – добитник на Нобеловата награда и кој рекол дека без сеќавање нема култура, без сеќавање не би имало цивилизација, ниту иднина. Затоа ајде сите заедно да се сеќаваме и негуваме спомените на оние чии животи беа земени! Да се сеќаваме на минатото и нивната украдена иднина! Да се сеќаваме за да можеме да градиме подобра иднина за сите нас и, пред се, за нашите млади генерации“, рече министерката за образование и наука д-р Рената Дескоска.