26/11/2024
Охрид

Концерт на пијано – четири раце вечерва на „Охридско лето“

Музичката програма на фестивалот „Охридско лето “ вечерва продолжува со концерт за пијано 4 раце  што ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.Пред фестивалската публика ќе настапат истакнатите  македонски пијанистки Ана Гацева и Татјана Џорлева со дела Морис Равел, Ерик Сати и Антонин Дворжак.

Пијанистките Гацева и Џорлева настапуваат во камерен состав од 2005 година, кога го одржуваат својот прв целовечерен рецитал на фестивалот „Скопско лето“. Оттогаш, тие во континуитет реализираат многубројни успешни концерти низ земјата. Континуираното заедничко музицирање на овие две пијанистки, професорки на Музичките aкадемии во Скопје и Штип, е секогаш високо оценувано од страна на музичката критика.

Репертоарот на дуетот опфаќа композиции од сите музички стилови и епохи, вклучувајќи и дела од македонски и светски современи композитори. Како солист Ана Гацева се издвојува како една од најактивните и најуспешните во земјава, за што сведочат нејзините високите државни и меѓународни награди. Татјана Џорлева е исто така солист кој реализира бројни концертни настапи, како во земјава, така и на европската сцена. Значајни се нејзините соработки со македонските композитори Димитрије Бужаровски, Гоце Коларовски, Томислав Зографски, Стефан Гајдов, Дамјан Темков кои резултираат со постојана промоција на македонската музика во земјава и надвор од неа. Добитник е на бројни награди и признанија.