22/11/2024
Македонија

Конференција посветена на улогата на правните експерти во отворањето на поглавјата 23 и 24

 

  “Областите поврзани со Поглавјето 24 честопати се оценуваат како  области на јавна политика кои се посебно значајни за суверенитетот на една држава. Нивната основна цел е да обезбедат слободно движење на луѓе, со гарантирање на нивната безбедност“.
Ова меѓу другото, денес го истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во воведниот дел од обраќањето на конференцијата посветена на улогата на правните експерти во отворањето на поглавјата 23 и 24 во процесот на пристапни преговори, што се одржа во организација на мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Министерот Спасовски фокусирајќи се на областите што ги опфаќа поглавјето 24 нагласи дека: “тие се клучни за обезбедување на темелите на една демократска држава и затоа ова поглавје е широко димензионирано и обединува 12 подобласти кои се императив за безбедноста на граѓаните: азил, миграција, надворешни граници, визна политика, борба против организираниот криминал, борба против трговијата со дрога, тероризам, трговијата со луѓе, царинска соработка, полициска соработка, судска соработка во граѓанските и кривичните предмети и фалсификување на евро“.
Во изминатите години, рече Спасовски,  се соочивме со најголемите предизвици од ова поглавје, кои беа не само актуелни по своето значење, туку и предизвици чија имплементација во минатото долго време беше одложувана поради немање политичка волја или доволно ентузијазам за воведување на промени, а кои секогаш бараат повеќе енергија и посветеност.
Министерот Спасовски ја нотираше и реформата на разузнавачките служби, како и воспоставување на новиот систем за следење на комуникациите, што исто така произлегуваат од  Поглавјето 24. “Исполнувањето на високите стандарди кои ги има Европската унија во овие области налагаа да се спроведат тектонски промени во нашата држава, но со задоволство можам да констатирам дека  овие процеси се одвиваа транспарентно и со инклузивност на сите релевантни субјекти. Верификацијата од Европската комисија не изостана : Република Северна Македонија ги исполни сите барања за отпочнување на процесот на пристапните преговори“, потенцираше Спасовски.
Исто така Спасовски се осврна и на се уште недобиениот датум за почеток на пристапните преговори особено што сите обврски кои ги имаше Република Северна Македонија беа успешно завршени, сепак констатирајќи дека – “ и после се, ние немаме дилема во нашите идни стратешки приоритети: членството во Европската Унија и НАТО за нас е единствениот пат и за тоа не постои друга алтернатива“.
Инаку на конференцијата покрај претставници на министерствата за внатрешни работи и за правда беа присутни и бројни експерти од различни области на правото, како и претставници на ОБСЕ и ЕУ.