Конференција за спортска дипломатија
Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија во соработка со Владата на Република Северна Македонија и амбасадата на Република Франција во Скопје беа домаќини на првата конференција „Спортска дипломатија: Од настап до влијание’’.
На конференцијата се разменија мислења околу придобивките што дипломатијата и спортот ги обезбедува во зајакнувањето на добрите односни помеѓу земјите, можностите за афирмација, соработка, обединување и размена на искуства.
Министерот Османи истакна дека препознавајќи ја можноста за развој и интензивирање на меѓународните односи со помош на спортската дипломатија, ќе се направат напори за придонес кон што подобра афирмација, создавање и продлабочување на взаемни долгорочни партнерства со нашите земји пријатели во светот, на начин како што тоа денес го правиме со Франција, притоа додаде дека е „потребен е труд и соодветна стратегија за да може потенцијалот на спортот да се насочи кон остварување на националните интереси и приоритети“.
На конференцијата беше истакнато дека независно дали спортските активности се аматерски или професионални, позитивно влијаат, создавајќи дополнителни можности за интер-културна размена, а со тоа и нови вредности.
Амбасадорот ги презентираше во главни црти различните димензии на спортската дипломатија и врз основа на тоа потсети дека неговата земја е меѓу првите во светот во поглед на нејзиниот развој, нагласувајќи дека француското Претседателство со Советот на Европската унија ѝ дава големо значење на оваа тематика, преку два клучни настани, едниот се одржа овој месец во Париз, а другиот е предвиден за месец март, во Стразбур. На крајот, тој потсети на одличната соработка меѓу нашите две земји во областа на спортот, особено преку поддршката за развој на планинските спортови, што е во исто време одлична можност за унапредување и промовирање на убавото природно наследство на Северна Македонија.
Говорниците исто така разменија добри практики и успешни приказни од примената на спортската дипломатија во Франција, во рамките на организирањето на Летните олимписки игри планирани да се одржат во Париз 2024, како и за привлекување на дополнителни интернационални спортски настани во Франција.