Конгрес на психијатрите на Македонија
Синоќа во х.Метропол започна со работа 6 Конгрес на психијатрите на Македонија. „Психијатријата и менталното здравје во 21 век“ е темата на која ќе расправаат македонските психијатри и еминентни стручњаци од светот. Пред учесниците во името на градот домаќин, се обрати заменик градоначалникот Константин Георгиески.
„Велат дека човек се чувствува свој на своето, кога е во опкружување на луѓе со кои ја дели истата професија. Денес јас ја имам честа како ваш колега, а како домаќин, во свое име и во името на граѓаните на Охрид да ви посакам топло добредојде во Охрид и успешна работа на 6. Македонски психијатриски кнгрес со меѓународно учество, од кој верувам сите ќе заминете со нови сознанија и драгоцено искуство.
Живееме на крајот од втората деценија на третиот милениум, време кое е исполнето со драматично брз технички и технолошки развој, кој сигурно се рефлектира и врз менталното здравје на луѓето и бара токму од медицината и посебно психијатријата, да одговори на потребите на современиот човек. Верувам дека во наредните три дена, вашите нови сознанија и размената на искуства, ќе придонесат за појасна визија за менталното здравје во 21 век и за насоката кон кој треба да се движи човештвото за да имаме здрави генерации и извесна иднина.
Почитувани колеги, се надевам дека вашите организатори одвоиле и слободно време за вас, за да можете да се насладувате на безвремената убавина на Охрид и езерото. Да откинете парче историја и да го чуете вековниот шепот на нашите цркви за нашето богато минато, да ја почуствувате магијата на Св.Наум. Ако понесете барем мало делче од нашата убавина со Вас, убеден сум дека пак ќе ни дојдете во Охрид.“ – истакна во своето обраќање Георгиески.