22/11/2024
Охрид

Конституирано Локалното собрание на млади

Локалното собрание на млади на општина Охрид, денеска ја одржа конститутивната седница, на која делегатите од 14 здруженија на граѓани и подмладоци на политички партии, за претседавач го избраа Георги Ставрески, а за секретар Јована Ристеска.

На конститутивната седница на Локалното собрание на млади, на учесниците им се обрати градоначалникот Константин Георгиески кој истакна дека со формирањето на Локалниот совет на млади ќе се продлабочи соработката меѓу општината и младите и поефикасно ќе се реализираат нивните идеи и проекти.

– Го поздравувам  денешниов собир, односно конституивната седница   на Локалното собрание на млади, кое потоа ќе биде надлежно за формирање на Советот на млади во општина Охрид. Чест ми е да присуствувам на денешново случување  и Ви посакувам  успех во понатамошната работа.

Ги охрабрувам младите и им посакувам успех  во  реализација на секоја позитивна идеја која  обезбедува напредок за  сите нас, затоа што тие се носители на младинските активности во градов. Им  посакувам позитивна мисла и  понатамошни креативни идеи, а јас со задоволство ќе го поддржувам сето она што значи напредок и развој на нашиов град, рече градоначалникот Георгиески.

Успех во работата на учесниците на конститутивната седница им посака и претседателката на  Советот на општина Охрид, Живка Ангелоска.

– Советот на млади ќе има важна улога во креирањето, функционалниот развој и  спроведувањето на локалните младински политики и нивно интегрирање во институциите при донесувањето на одлуките. Така младите во сите пори на општественото живеење ќе партиципираат со свои идеи и практики во еден поинаков и попродуктивен активизам.

Велат младите можат се и тоа го покажуваат. Низ своите активности, во разни области, тоа го правите и вие. Ја препознаваме младешката енергија и со формирањето на Советот на млади очекуваме ваше вклучување во донесувањето на одлуките кои се од интерес на сите граѓани не само на локолно ниво туку и пошироко. Само така, заедно, енергично и конструктивно, ќе чекориме во иднината, рече председателката на Советот на општина Охрид Живка Ангелоска.

На конститутивната седница на Локалното собрание на млади беше најавено дека за десетина дена, по спроведувањето на соодветна постапка ќе се избере  и  Советот на млади на општина Охрид, кој ќе брои 7 члена.