Координативен состанок во врска со престојот на религиозната група Лев Тахор во Горно Лакочереј
На иницијатива на градоначалникот Кирил Пецаков денес во Општина Охрид се одржа координативен состанок во врска со возмиреноста и негодувањата на локалните жители, поради престојот на еврејската религиозна група Лев Тахор во хотелот „Прага“ во селото Горно Лакочереј.
На состанокот присуствуваа претставници на СВР Охрид, претставник од Дебарско кичевска епархија на МПЦ и претставник на жителите од селата Горно и Долно Лакочереј.
Градоначалникот Пецаков истакна дека ја разбира загриженоста и стравот на локалните жители кои се резултат на многубројните медиумски написи и шепекулации во јавноста во врска со оваа религиозна група. Тој потенцираше дека сите недлежни инстититуции соодветно постапуваат и непречено ја вршат својата работа, при што е констатирано дека религиозната група престојува само во кругот на сместувачкиот објект и не претставува опасност за околината. Градоначалникот упати апел за смиреност и трпение кај жителите од двете охридски села.
На состанокот од страна на претставниците на СВР Охрид беше посочено дека се извршени сите безбедносни контроли на членовите на религиозната група. Тие објаснија дека групата имала договор за престој во хотелот со времетраење од две недели и дека по истекување на договорот ќе го напуштат Охрид. Полициските службеници потенцираа дека во интерес на поголема смиреност кај населението, ќе ги зголемат редовните патроли во двете села и дека ќе бидат постојано во контакт со сопствениците на хотелот.
WebOhrid / 24.02.2022 / Општина Охрид